Се собираат потписи против депонијата за индустриски отпад во Неготино

Фото илустрација: Слободен печат/ Драган Митрески

Здружението на граѓани „Ековита” од денеска стартуваше со собирањето потписи против изградба на депонија за индустриски отпад кај Пепелиште. Претседателот Сашко Тодоров прв се потпиша на иницијативата поднесена во канцеларијата на Државна изборна комисија, подрачно одделение Велес, канцеларија Неготино.

-Законски, имаме рок до 18-ти овој месец да собереме 100 потписи за оваа иницијатива,  но убедени сме дека и пред рокот ќе ги собереме потребните потписи, рече Тодоров за МИА.

Во канцеларијата му беше кажано дека откако ќе се соберат стоте потписи, по оваа иницијатива, околу тоа дали има надлежност, треба да се изјасни Советот на општината. Доколку Советот се изјасни дека иницијативата е уредна, потоа треба да се соберат околу 3.200 потписи, односно најмалку  20 проценти од лицата со право на глас во избирачкиот список за Општина Неготино, како иницијатива за распишување референдум по ова прашање. Со собрани потписи, понатаму Советот одлучува за распишување  референдум.

Тодоров, кој е билошки инженер по професија, повтори дека луѓето стравуваат дека депонијата негативно ќе влијае врз здравјето и околината, како и врз единственото заштитено подрачје во општината, Орлово Брдо.

Слично како него, се изјаснија и други неготинци, кои деновиве присуствуваа на јавната расправа за студијата за оцена на влијанијата врз животната средина. Тогаш, ним им беше кажано дека целиот процес со депонијата за индустриски инертен и неопасен отпад ќе биде безбеден по здравјето на луѓето и околината, контролиран и транспарентен, а предвидено е и рекултивирање на самата депонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот