Се подготвува нова воена помош за Киев од Скопје: Што остана да и се донира на Украина?

Фото: АРМ

За да може Украина да остане отпорна на руската инвазија, западните и европски држави меѓу кои е и Македонија, изминатиов период со голема динамика донираат оружје, храна, воена технологија и медицинска опрема.

Во тој контекст министерката за Одбрана Славјанка Петровска при гостување во домашните медиуми  откри дека уште пред неколку недели Украина доставила новиот список за воена помош до Македонија за кој, како што објасни министерката Петровска веќе се прави анализа во Генералштабот на Армијата за тоа што и колку може да се донира на Украина.

Како што објасни Петровска доколку од македонска страна се одговори позитивно на списокот, Владата веднаш ќе биде информирана и ќе се побара согласност и одлука за испраќање на нова помош за украинските сили.

Она што останува нејасно за домашната јавност е тоа што Македонија и преостана во воена техника која може да и ја подари на Украина а при тоа да не одрази на борбената готовност на армијата.

Експертската јавност со која на неколку пати се консултираше „Слободен печат“ по оваа прашање вели дека иако АРСМ и Министерството за одбрана не ги соопштуваат деталите ниту пак го прецизираат воениот арсенал кој би требало да се даде на украинските сили, според нивните претпоставки многуверојатно станува збор за нова пратка во пешадиско оружје и муниција кое во најголем дел е застарено и е од советско потекло и истото не се соодветствува со планот за модернизацијата на армијата во рамките на НАТО алијансата.

Докторот по воено-политички науки Благоја Марковски на неколку пати до сега на оваа тема за Слободен печат истакна дека земјите од Балканот имаат причина зошто го подаруваат руското оружје на Украина во овие моменти. Тој е со став дека во новиот пакет на македонска воена помош за Украина може да биде сочинет главно од пешадиска муниција, оружје но и лесни воени оклопни транспортери кои ги користи полицијата а изминативе години беа добивани од странски донации. За донација на поголема воздухопловна техника засега според Марковски нема услови тоа да се случи.

Во меѓувреме министерката Петровска посочи дека Украина има потреба од секаков вид на опрема.

– Украинците имаат потреба на секаков вид на вооружување заради тоа што во зависност од тоа какви се нивните планови за водење на копнените и водените дејствија таков вид на опрема побаруваат од нас, посочи министерката.

Додаде дека досега се донирани 12 хеликоптери, за кои рече дека нема да бидат отуѓени сè додека не биде склучен договор и додека не бидат донесени во нашата земја новите осум хеликоптери.

Истакна дека сè уште не се знае од каде ќе бидат набавени, бидејќи се преиспитуваат дел од доставените понуди.

Петровска воедно најави набавка на воени дронови.

– Дронови се дел од најновата технологија која може да се користи меѓу другото и за војување и за заштита и гарантирање на одбраната на една држава. Беше презентирана анализата од Генералштабот на македонската Армија каде се разбира нивните насоки се позитивни, веќе работат на прецизирање каков вид на дронови и во колкав обем треба да бидат набавени и како сите ќе бидат инкорпорирани во нашиот систем. До крајот на ова година очекувам тимот кој е формиран во Министерството за одбрана и во Армијата да излезат со конкретен предлог за набавка за дроновите, изјави Петровска.

Инаку македонските власти велат дека со донациите не се нарушуваат борбените капацитети на Армијата, со оглед на тоа што тие средства и досега не се користеле. Министерството за одбрана досега на неколку пати соопшти дека празнењето на македонски воени магацини преку донациите на оружје кон Украина ќе се заменува постепено со современи западни типови на оружје вкалкулирани во планот за модернизација на Армијата.

Како дел од овој развоен план е и набавка на лесни оклопни возила на тркала, согласно договорот со американската влада, од кои во периодот што следи македонската армија очекува да ги добие и првиот дел од контигентот на вкупно 54 оклопни возила од типот „Страјкер“ (Stryker Infantry carrier vehicle), кое го произведува фирмата „Џенерал Дајнамикс“, а чија набавка уште во 2020 г. ја потврди и Defense Security Cooperation Agency.

ВОЕНА ОПРЕМА ДОНИРАНА НА УКРАИНА

  • Пешадиско вооружуваше и муниција
  • Артилериска опрема
  • Тенкови Т-72
  • Сухои – 25
  • Средства и опрема за водење противоклопна борба
  • Опрема за противоздушна одбрана
  • Опрема и муниција за военото воздухопловство
  • Интендански материјални средства

900 милиони евра за модернизација на армијата во следните 10 години

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот