Сараево денес е втор најзагаден град во светот

Загадениот воздух во Сараево/ Фото EPA-EFE/FEHIM DEMIR

Сараево денеска се најде на второто место на листата на градови со најмногу загаден воздух во светот, откако од почетокот на неделата се гуши во магла, а концентрацијата на опасните честички во воздухот беше 44 пати поголема од дозволената според стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).

Според податоците на швајцарската веб-страница АКјуЕр, која собира податоци за загаденоста на воздухот од повеќе од десет илјади мерни станици ширум светот, најзагаден град во утринските часови е индискиот Њу Делхи со индекс на загаденост 287, додека Сараево е означен со индекс 270.

Главните градови на Индија и на Босна и Херцеговина, заедно со Дака во Бангладеш, беа означени како „многу нездрави“.

Во Сараево, концентрацијата на ситни честички прашина означени со ПМ 2,5 беше означена како „опасна“ бидејќи беше 44 пати повисока од вредностите што ги толерираа стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).

Причините за нездравиот квалитет на воздухот во Сараево се секогаш исти. Во период на стабилни временски услови без ветер, во зимски услови над градот поради температурна инверзија, се создава магла која ја спречува циркулацијата на воздухот и исфрлањето на штетните материи.

Истовремено, во сараевскиот басен се задржани честички од прашина и штетни гасови произведени од голем број стари автомобили, како и илјадници огништа во станбените згради каде за греење се користат цврсти горива.

Според достапните податоци, во Сараево се регистрирани околу 160.000 автомобили, од кои 70 отсто се постари од 15 години или се на дизел.

Анализата што претходно ја објави Светска банка (СБ) содржи информации според кои загадувањето на воздухот во Босна и Херцеговина директно предизвикува 3.300 смртни случаи секоја година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот