САД ќе се вклучи во решавањето на спорот со Бугарија

Фото: Архива

САД ќе се вклучат во ова прашање, сите ја делиме истата визија РС Македонија да го заземе заслуженото место во ЕУ и се надеваме дека тоа ќе биде бргу, рече вчера американската амбасадорка Кејт Мари Брнз на промоцијата на трилатералното партнерство со Естонија за дигитализација на  нашата земја како поддршка за побрзо пристапување во Унијата. Прашана за неодамнешната изјава на новиот заменик-помошник секретар Габриел Ескобар дека постојат начини да се реши македонско-бугарскиот проблем без да се блокира европската интеграција, таа рече дека тој ја повторил американската политика за долгорочна вредност.

– Ние ја гледаме македонската иднина во ЕУ и ја потврдуваме важноста од решавање на прашањата. Се надеваме дека тоа ќе продолжи до крајот на годината. Ќе продолжат разговорите со сите партнери, овде во Скопје, со соседните земји, во Европа, за да помогнеме сè што можеме да го придвижиме процесот напред – рече Брнз.

Таа потенцира дека нема конкретен план, ниту најава во овој момент и не сакаше да шпекулира по информациите дека постои американски план за решавање на спорот.

– Многу е јасно дека улогата на САД е дека ние имаме интерес и ја сметаме Северна Македонија како стратешки партнер, како и ЕУ, меѓутоа, ова не е ситуација што САД треба директно да ја решава. Така што, држете се настрана од непроверени информации – рече Брнз.

Следната седмица во Скопје доаѓа претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, а на средбите, според соопштението на нејзиниот кабинет, ќе се разговара за спорот со Бугарија.

Нема пријателство со уцена

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вчера повтори дека Бугарија го прекршила член 2 од Договорот за добрососедство, кој предвидува Софија да ни помага, а не да ни одмага, а најмалку, пак, да нè блокира.

– Во начело на Договорот за пријателство беше владите и политичките лидери да се занимаваат со сегашноста и иднината, а историчарите со историјата. Политиката може да создаде поволна клима за општествата, академските кругови, членовите на Комисијата за историски развојни прашања да разговараат слободно и отворено. Тоа што се случи е дека односот се измести бидејќи Бугарија го прекрши членот 2 од Договорот, кој вели дека Софија ќе ни помага на европскиот пат, нема да ни одмага или блокира. Ние доживеавме две вета и проблематизирање на нешто што е многу внатрешно, на нашиот македонскиот јазик на европско ниво и овие чекори го направија вистинскиот искрен дијалог многу тежок. Тоа е главниот проблем во овој момент. Ние ќе продолжиме да настојуваме тој проблем да го решиме. Колку повеќе ќе има доверба и почит кон другиот и прашањата што се важни за другиот, толку полесно ќе оди дијалогот за сите прашања што се важни за двете страни – рече вицепремиерот Димитров.

Тој додаде дека голем проблем за напредок е атмосферата на уцена, односно дека „со сила нема убавина“ и дека е потребно побргу се вратиме во позитивна атмосфера.

Премиерот Зоран Заев претходно изјави дека ние „со ништо не сме придонеле да провоцираме какво било непријателство или нефер однос кон Бугарија“. Според него, пријателството било искрено кога е потпишан договорот во 2017 година и во следните години, но, односот се сменил поради политичкиот притисок и тензичната политичка сцена во Бугарија. Заев повтори дека не очекува промена во ставот на Софија во октомври, но комуникацијата треба да продолжи.

– Постојат луѓе, поединци што настапуваат со скриени агенди кон земјава, но среќен сум што бугарското МНР ги осуди територијалните претензии на бугарски европратеник во предизборната кампања. Тоа што сакам да го потенцирам е дека доминантно бугарскиот народ сака да биде пријател со македонскиот народ. Знаат дека тоа е добро и за Бугарија. Јас сум убеден дека проевропските манири и решенија ќе преовладаат и ќе градиме пријателство без да се чепкаат болните работи за народите од двете страни – истакна Заев во гостување на ТВ24.

Премиерот повтори дека никој не може да го избрише фактот кои држави учествувале во фашизмот и дека некогашното уредување во Бугарија било фашистичко, но со денешниот наратив не треба се фрла тежина врз цела нација. Заев рече и дека и бугарската страна треба да внимава со своите потези да не предизвикува негативни чувства кај македонскиот народ.

24 часа: Американците сакаат решение веднаш

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, во чиј спот имаше територијални претензии кон Македонија, експресно реагираше за најавата дека ќе се брише квалификативот „бугарски“ пред „фашистички окупатор“ и цинично забележа дека ќе бара промена и во бугарските учебници.

– Наместо фашистички окупатори, вашите деца ќе учат за Бугарите дека тие се Монгол-Татари. Фер е, нема збор. Сега Бугарија ќе мора сериозно да ги промени учебниците, бидејќи во нив забележавте „одредени слабости“ – напиша Џамбаски.

Од друга страна, бугарскиот медиум „24 часа“ коментираше дека „Македонците работат напорно и го впрегнале нивното огромно лоби во целиот свет“ и дека и Бугарија треба да си го брани интересот.

„Се гледа дека не само Европејците, туку и Американците (и особено тие) сакаат Скопје сега и веднаш да ги започне преговорите со Брисел. А бугарската страна можеби треба да созрее за идејата дека нема како да излеземе од оваа ситуација ако не пројавиме и доза на добронамерност. Вистина е дека Грците ги виткаа рацете на Скопје повеќе од 25 години за името на поранешната југорепублика. Таков рок тешко дека нам ќе ни дадат. Затоа, да си го браниме интересот, но и да не забораваме дека дел од него е да сме во добри односи со Македонците. И дека нема смисла да се караме со целиот свет заради нив“, коментираше весникот.

За Бугарите поголем проблем е „окупатор“ од „фашистички“

Комунистите по војната често ги користеле термините „фашизам“ и „фашистички“ за да ги дисквалификуваат своите политички противници, а во науката постојат сериозни дебати, кои не се политикантски, за тоа дали Бугарија може да се смета за фашистичка држава или не, рече историчарот, професор Петар Тодоров за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

– Во тоа време има десетина формации во Бугарија кои се профашистички. Имало и партизански, но неспоредливо со претходните. Во Бугарија во периодот 1934-44 година всушност има беспартиски режим, нема парламент, царот владее со негови луѓе, некои од фашистичките организации се дел од власта, а некои политики на бугарската влада се фашистички. Таков пример е Законот за заштита на нацијата, кој е дискриминаторски кон Евреите, но таков имало и во Југославија во 1940 година. Некои авторитарни постапки на власта не се дел од фашизмот, како што е во Италија – вели Тодоров.

Тодоров потенцира дека не може да игнорира оти Бугарија е дел од фашистичката коалиција.

– Проблем во односите со Македонија не е дали ќе ги нарекуваме „фашисти“, туку дали ќе ги нарекуваме „окупатор“. Тие тврдат дека не биле окупатор туку дека ја ослободиле Македонија и тука е проблемот – вели Тодоров.

Евреите не сакаат да се брише „бугарски“ пред „фашистички“

Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија не се согласуваат со намерата за бришење на етничката припадност во формулацијата „бугарски фашистички окупатор“. Во заедничко соопштение тие посочуваат дека наместо бришење на терминот „бугарски“ би требало да се користи формулацијата „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“. Тие посочуваат дека бришењето на терминот „бугарски“ значи „искривување на историската вистина“.

Еврејските организации потсетуваат дека Македонија била поделена на две окупациски зони, Западна Македонија, окупирана од Италија и Централна и Источна од Царска Бугарија, во кој дел живееле Евреите, како и дека тие „биле депортирани од страна на бугарскиот окупатор, а не од италијанскиот окупатор“.

„Денешната модерна и демократска Бугарија, треба да го апсолвира фактот со своето минато дека била дел од Оската и директно учествувала во холокаустот на Евреите. За да ги изземе сегашните генерации и да ги ослободи од товарот на минатото потребно е Софија јавно да се извини за постапките на Царска Бугарија, за окупацијата и депортацијата на Евреите од денешна Македонија. Ова наше барање се провлекува години наназад и наместо да биде финализирано, се повеќе се продлабочува“, се додава во заедничката реакција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот