Русија го возвраќа ударот: Москва ги суспендира сертификатите за одржување на хеликоптерите во Бугарија и Чешка

Руски хеликоптер/ Фото EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Русија донесе одлука да ги суспендира сертификатите за одржување на хеликоптери што им овозможи на три компании лоцирани во земјите на ЕУ и НАТО да одржуваат авиони произведени во Советскиот Сојуз и Русија: Ми-8, Ми-17, Ми-171 и Ми-24 и 35.

Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, изјави дека е донесена одлука за суспендирање на претходно издадените сертификати на чешката компанија „ЛОМ Праха“ и на бугарските компании „ТЕРЕМ-Летес“ и „Авионамс“, како одговор на намерата на западните земји таму да извршат поправка на воздухопловната опрема што се користела во Украина. Таа додаде дека со овој чин Москва се откажува од одговорноста за безбедноста на хеликоптерите кои се поправаат во споменатите центри.

Како одговор на овој потег, бугарскиот министер за одбрана Драгомир Заков рече дека двете бугарски компании кои вршат поправка на споменатите типови авиони можат да продолжат со работа без да ги поседуваат споменатите руски лиценци.

Руски хеликоптер/ Фото EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Но, како што нагласи тој, поголем проблем е фактот што сега тешко се доаѓа до резервни делови за одржување и ремонт на руските авиони. Тој нагласи дека Русија, Украина и Белорусија уште се извор на резервни делови за хеликоптери од руско производство, но во исто време овие делови не можат да се набават поради сегашните околности. Тој потврди дека се водат разговори со Киев и другите страни за ремонт на воздухопловната опрема во Бугарија за потребите на Украина. Коментирајќи го статусот на бугарската флота од хеликоптери Ми-17 и Ми-24, Заков рече дека овие хеликоптери сè уште имаат одредена поддршка, но ја нагласи и потребата Софија да започне брза модернизација на својата армија за да ја ослободи Бугарија од рускaтa зависност во областа на воената опрема.

Одлуката на Русија да ги суспендира сертификатите на бугарските и чешките компании доаѓа откако воздухопловниот регулатор на Европската унија, ЕАСА, во март оваа година ги суспендираше речиси сите сертификати за руските организации вклучени во производството, одржувањето и работењето, како и за одделни видови авиони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот