Русија ги интензивираше нападите над Украина за време на празниците

Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Повеќе експлозии го потресоа Киев и други области во Украина за време на новогодишната ноќ од што загина најмалку едно лице а 14 беа повредени откако Русија ги интензивираше нападите, објави „Асошиејтед прес“.

Украинските власти тврдат дека Русија намерно ги таргетира цивилите, сакајќи да создаде страв меѓу населението уште на почетокот на 2023 година.

Првата дама на Украина, Олена Зеленска изрази огорченост од фактот што вакви масовни ракетни напади се случуваат непосредно пред новогодишната ноќ.

„Уништувањето на животите на другите е одвратна навика на нашите соседи“, рече таа.

Експлозиите, исто така, дојдоа со невообичаено забрзан ритам, кој ги вознемири властите само 36 часа откако Русија лансираше низа проектили во четвртокот за да ги оштети објектите на енергетската инфраструктура.

Фото: Претседателски кабинет на Украина, Кирило Тимошенко

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја истакна суровоста на цивилните жртви од оваа последна офанзива – „овој пат цел на масовниот ракетен напад од Русија се станбени области, дури не е ниту енергетската инфраструктура“.

Како што објави „Асошиејтед прес“ (АП), смртоностна експлозија во главниот град на Украина се случила во станбените згради во областа Соломиански.

Фоторепортерот на АП на местото на експлозијата видел тело на мртва жена додека нејзиниот сопруг и син стоеле блиску до неа. Покрај повредените кои биле згрижени во болница била и повозрасна жена.

Градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, рече дека исто така биле оштетени и две училишта, како и една градинка.

Заменик-шефот на претседателскиот кабинет, Кирило Тимошенко, објави фотографии и видеа од делумно разрушениот шесткатен хотел во Киев. Градоначалникот Кличко, пак, рече дека меѓу повредените во главниот град е и еден јапонски новинар.

„Русија лансираше 20 крстосувачки ракети над Украина во саботата попладне, од кои украинските сили соборија 12“, изјави началникот на украинската војска, генерал Валериј Залужни.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот