Ристо Пенов: Седницата на Битолскиот Совет беше неправилно прекината

Несогласувањата во владејачката коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“ коишто доведоа до прекин на 26 седница на Советот на Битола добија свој епилог. Според министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, седницата била неправилно прекината.

-Точките што се изгласани до прекинот на седницата не се потпишани што е прекршок, продолжението на седницата е со потребно мнозинство и точките што се изгласани со тоа мнозинство. Сега јас прејудицирам, инспекторот ќе ја донесе одлуката, и точките ќе бидат потврдени. Има деловнички точки што бараат квалификувано мнозинство, кои не можат да бидат прифатени, но во секој случај ќе направиме напор да продолжи седницата на Советот и да се нормализира функционирањето на Општината Битола. Најдобро е Советот да продолжи да работи во интерес на граѓаните-изјави министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов при денешната посета на Битола.

Инаку, да потсетиме седницата на Советот на Битола која се одржа пред неполн месец со која претседаваше претседателката Габриела Илиевска, откако советниците на СДСМ ја напуштија, таа од страна на Илиевска беше прекината.

Во меѓувреме, по неколку паузи седницата продолжи под претседателство на највозрасната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Марица Тодоровска. Истата седница повторно беше прекината, по напуштањето од страна на советничката на ДУИ Мерита Исмајловска.

По вториот прекин, седницата продолжи да работи и на истата беа усвоени без никакви дискусии 88 точки.

За второто продолжение на седницата кворумот го обезбеди советничката на ДОМ Анастасија Трајковска.

Инаку, по жестоките меѓусебни обвинувања меѓу градоначалникот Тони Коњановски и претседателката на Советот Габриела Илиевска за утре е закажана вонредна седница на Битолскиот Совет.

Седницата на барање на градоначалникот Тони Коњановски ја закажа претседателката Габриела Илиевска бидејќи на Дневен ред имало точки што не трпеле одложување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот