РЕЦЕНЗИЈА: Тажни, но моќни цртички од животот

Омнибусот „Сараево, те сакам“ носи пет филма на режисери од Југоисточна Европа, кои беа претставени на годинешниот Кански фестивал, каде што ја отворија престижната паралелна програма „Кензен“. Под името „SEE Factory“ ова е проект зад кој застанаа Сараевскиот фестивал и продуцентката Доминик Велински, инаку замислен како проект преку кој веќе седум години се претставуваат млади режисери од земји, кои не се толку често присутни на светската филмска мапа.

Оваа година акцентот беше ставен на земјите од регионот, и тоа: Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија, кои заедно со нивните колеги од Романија, Израел, Грција и Бразил снимија пет филма во Сараево и го отворија 51. издание на Кензен или „15 дена на авторите“. Во негови рамки, Македонија за првпат беше дел од оваа програма во Кан со филмот „Знак“ на Елеонора Венинова и Јона Розенкер.

Омнибусот по Кан беше прикажан во Сараево, а сега е дел од програмата на годинешниот „Браќа Манаки“. Единствениот услов за сите овие пет приказни, како што изјавуваа авторите, бил дејствијата да се случуваат во Сараево, а се друго зависело од самите автори. Меѓутоа, кога ќе се погледне целиот омнибус имате впечаток дека имало заедничка тема, бидејќи некако сите се занимаваат со различни приказни видени од женски агол. Но, како и да е и колку и да се сите на свој начин поврзани со Сараево, сепак, станува збор за многу луцидни и интересни приказни кои толку едноставно успеваат да ги поминат границите и да бидат универзални, занимавајќи се со теми и ситуации во кои сите се препознаваме. Како осаменоста, чувството на напуштеност, посесивноста, предрасудите, стравот од стареење, од немоќ, од промени…

Филмот „Во твоите раце“ на Маша Шаровиќ од Србија и Шарон Енгелхарт од Израел, преку односот на мајката и ќерката нè води низ лавиринтот на очајот, болката и неприфаќањето. Состојбата пред нервен слом, во која се наоѓа мајката, станува јасна со посетата на бајачката, за која во првиот момент верува дека може да и помогне. Забавно и комично, а всушност толку тажно и дрматично, но целата силина на извонреден начин е сконцентрирана во односот меѓу мајката и ќерката, која низ откачениот монолог на мајката почнува да осознава што се случува. Краток, но моќен филм, со извонредно одиграни улоги, многу прецизно и точно емотивно дозирани.

Душан Касалица од Црна Гора и Романката Теодора Ана Михаи ја потпишуваат суптилната драма „Пакет“, шармантна, нежна, топла, ненаметлива приказна за осаменоста и за барањето излез, кога сте подготвени да се фатите и за сламка за да обезбедите некоја подобра замислена иднина, што во своите фантазии толку ја посакувате. Помалку и комично, но реално како и нереално, приказна која започнува како што и завршува, на празните улици и трошни згради, осветлени со по некоја реклама.

Најслабиот филм е оној на Словенката Уршка Џукиќ, кој го потпишува заедно со Гркот Габриел Цафка, а кој не го спасува ни присуството на Мирјана Карановиќ. Насловен „Вистинската“, тоа е филм кој е замислен класично додека дејствието се одигрува во еден агол, со статична камера, а во кој треба да зборува позадината, деталите и се разбира дијалозите. И иако темата е посесивниот однос на мајката, нешто веќе видено и ништо особено за овие наши средини, сепак, во него нема никаква инвентивност или некаков поинаков агол што би го направил интересен.

Напротив, тоа е предвидлив филм, во кој не само што нема ништо ново, туку и останува на површината, не успевајќи да ја донесе ни емоцијата.

Додека, „Плунка“ е нешто сосема друго. Невен Самарџиќ од Босна и Херцеговина и Каролина Марковиц од Бразил прават една исклучително силна приказна, која се случува пред продавницата каде што младите Роми питачат, а во која се очекува да пристигне инспекција. Како по правило, обично настрадуваат добрите кои се обидуваат да помогнат или барем така мислат, но предрасудите, а и личните трагедии умеат од банална ситуација да направат ерупција кога најмалку очекувате. Одлична идеја, со длабока и хумана порака, но и со карактери кои никогаш не смеете да ги потценувате.

И последниот „Знак“ на Елеонора Венинова и Јона Розенкер од Израел, кој исто така говори за многу традиции и предрасуди, но тоа го прави оригинално и инвентивно. Од една страна, можеби и морбидно, додека бабата на гробот на својот сопруг чека знак, но од друга страна, и многу забавно, бидејќи случајностите некако умеат да ја испишат приказната сосем неочекувано.

Стравот од промени, но и од сопствената немоќ е толку реален, колку што е реална и силна љубовта и поддршката меѓу бабата и внуката. Што не значи дека стравот може лесно да се надмине, ниту пак лесно можат да најдат заеднички јазик, напротив, особено кога над сето тоа се надвиснати нашите стравови и нашиот пркос, оној човечки пркос во кој е сокриена потребата да се остане свој и достоинствен до крајот. Филмот е црно-бел, но е снимен многу ефектно, доловувајќи ја целата таа неизвесност, страв и загубеност низ сликата, аглите на снимање и движењето на камерата.

На крајот, тоа се „едноставни“ цртички од животот, кои се однесуваат на сите нас. Во целина, сепак, ова е многу добар омнибус во кој сите приказни се интересни, многу животни и добро направени, затоа што со таква леснотија и добро промислени детали несомнено допираат до секој од нас. А тоа и беше целта, како што рече продуцентката Велински, да се види дека и во тие земји се прават добри филмови и има вешти и надежни млади автори, кои светот треба да ги види.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот