Рецепт на Стефанија Несторовска: Зимски палачинки од јаболка

Фото: Приватна архива

Зимата е вистинското време за седење дома, на топло, гледајќи ја омилената серија, во која уште повеќе ќе уживате, ако целата атмосфера ја „зачините“ со некој здрав и вкусен деликатес.

Иако на прв поглед, палачинките се нешто „веќе видено“, постојат стотици варијации како да ги приготвите и одново да уживате во нивниот разновиден вкус.

Младата инвентивна Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, денеска приготви зимски палачинки од јаболка, во кои ќе уживаат сите љубители на овој деликатес што никогаш не излегува од „мода“.

Состојки:

– 90 г овесни снегулки

– 60 г млеко од бадеми (или млеко по желба)

– 120 г пире од јаболка

– 2 лажички прашок за печиво

– 1 лажица јаболков оцет

– 1 лажица мед

– 1/4 лажичка морско оревче (зачин)

– 1/2 лажичка цимет

– 1/4 лажичка кардамом (зачин)

– мошне малку ѓумбир во прав

Доколку користите купечко пире од јаболка внимавајте да биде со 100 отсто јаболка без додадени состојки.

Јаболковиот оцет се додава за да се добие реакција со прашокот за печиво, која ќе помогне да пораснат палачинките при пржењето и да се добие тој мек ефект.

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

1. Сите состојки се додаваат во блендер и се блендира неколку минути се додека не се добие соединета, кремаста смеса.

2. Може да се користи и рачен миксер или пак, сите состојки рачно да се измешаат, меѓутоа, препорачувам да се користи блендер за максимум мазна текстура.

3. Смесата се остава да отстои на собна температура 5-10 минути за да се згусне.

4. Се загрева нелеплива тава за пржење на средно-висока температура и се додава малку кокосово масло или масло по желба.

5. Кога маслото ќе биде загреано се додаваат околу 2-3 лажици од смесата и се израмнува површината за да се добие форма на палачинка.

6. Се пржи околу 1-2 минути од едната страна, се превртува и се пржи уште 1-2 минути на другата страна.

7. Се повторува со постапката со останатата смеса.

8. Се додаваат преливи по желба и се сервираат топли.

Забелешки и совети:

→ Палачинките може да стојат 1-2 дена на собна температура или во фрижидер неколку дена.

→ Палачинките може да се замрзнат. Кога ќе се испржат, се оставаат комплетно да се изладат и се складираат секоја одделно во ќесички за замрзнување. Се оставаат во замрзнувач и до 5-6 месеци. За повторно консумирање може да се потпечат на тостер или, пак, во загреана рерна неколку минути се додека не се одмрзнат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот