Рецепт на Стефанија Несторовска за домашно млеко од јаткасти плодови

Фото: Приватна архива

Млекото од јаткасти плодови станува многу популарно во последно време, а веќе и во нашите маркети може да најдете повеќе брендови и типови.

Сега, благодарение на инвентивната Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, можете да си направите дома совршено и вкусно млеко од јаткасти плодови.

„Млекото од јаткасти плодови треба да состои од 2 до 4 состојки максимум и тоа: јаткасти плодови, вода, сол и засладувач. Јас лично не користам никаков засладувач затоа што сметам дека нема потреба од тоа, меѓутоа доколку сте љубител на поблаго и ви треба за некоја специфична намена тогаш слободно додајте мед, урми или засладувач по желба. Солта исто така е опционална и се додава за да ја одржува свежината на млекото, но често го правам и без сол и нема голема разлика“, вели Стефанија.

За кој тип јаткасти плодови ќе се одлучите – е ваш избор. Постапката објаснета подолу е комплетно иста за сите. Стефанија најчесто користи бадеми и индиски ореви затоа што вкусот е неутрален, но слободно може да користите ореви, макадамија, пекани, лешници или, пак, микс од сите. Изборот е ваш.

Фото: Приватна архива

Добиеното млеко може да го користите како замена за обично кравјо млеко во рецепти, во кафе, смути, овесна каша и слично. Во готвени рецепти разликата од обично млеко е мошне мала и незабележителна, но доколку сакате да го користите во кафе, чај или напитоци каде што вкусот се истакнува повеќе, тогаш разликата ќе ја осетите.

„Подолу во постапката ќе видите дека јаткастите плодови треба да се киснат во вода најмалку една ноќ и тоа е идеален временски период. Ако немате време за тоа еден трик што го практикувам е да ги полијам со врела, превриена вода и да стојат 1 до 2 часа. Врелата вода го забрзува времето на набабрување на јаткастите плодови и се спремни за блендирање. Повторно ќе напоменам дека идеален временски период е од 10-12 часа“, посочува Стефанија.

Стефанија дава објаснување и за крпата за процедување. По блендирање на јаткастите плодови со водата – добиената течност треба да се процеди за да се добие чиста, кремаста течност без остатоци и грутки. За оваа постапка може да користите чиста крпа, газа или пак оваа „торбичка“ наречена „nut milk bag“ што може да ја видите и на фотографијата. Долго трае и е лесна за одржување. По секое користење ја чистам со ладна вода и ја оставам да се исуши. Навистина е многу практична доколку правите вакво млеко често, но ако не можете да ја набавите, тогаш газа или крпа ќе ја заврши истата работа. Остатокот од јаткастите плодови се нарекува „pulp“ и со неа може да направите многу рецепти или да ја додавате во смути или енергетски бомбици за екстра здрави масти, доколку не сакате да ја фрлате, објаснува Стефанија.

Фото: Приватна архива

Подготвеното млеко има рок на траење од 3-5 дена. За да го одржите рокот на траење, користете чисти и стаклени садови или шишиња и чувајте го во фрижидер. Ќе знаете кога млекото не е за употреба, кога ќе има многу лош мирис. Самите вие ќе знаете кога ќе биде расипано.

Млеко од јаткасти плодови

Состојки:

– 1 шолја јаткасти плодови *
– 3 шолји вода
– 1/4 лажичка сол, опционално
– 2-3 лажици мед, агаве или јаворов сируп (по желба), опционално
соодносот на јаткасти плодови кон вода треба да биде 1:3. Не е важно колкава е количината се додека се држите до овој сооднос. Во шолјата или садот што ќе мерите јаткасти плодови користете ја да измерите х 3 за вода.

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

1. Во сад се додаваат јаткастите плодови и се потопуваат со вода доволно за да ги покрие сите. Садот се поклопува и се остава на собна температура цела ноќ односно 10-12 часа или повеќе.
2. Потопените јаткасти плодови се додаваат во цедалка и се премиваат со чиста, ладна вода, се цедат и се додаваат во блендер.
3. Во блендерот се додаваат и 3 шолји вода и малку сол.
4. Се блендира околу 3-4 минути односно додека не се добие кремаста, бела и пенлива течност.
5. Се поставува чист длабок сад и користејќи газа, крпа или „торбичката“ за млеко се процедува добиената течност од блендерот. Чистата и бистра течност е млекото од јаткасти плодови
6. Доколку се користи засладувач тогаш исчистената течност се враќа во блендерот, се додава засладувачот и повторно се блендира неколку минути за да се соедини
7. Млекото се додава во чисто шише или сад и цврсто се затвора.
8. Се чува во фрижидер од 3 до максимум 5 дена и се користи како замена за кравјо млеко во готвени рецепти, сосови, колачи, смутиња, кафе, чај, напитоци и слично.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот