Рецензија: „West Side Story“ е стилизиран спектакл

West Side Story/Twitter
West Side Story/Twitter

Сценарио: Тони Кушнер, режија: Стивен Спилберг, улоги: Ансел Елгорт, Рејчел Зеглер, Аријана ДеБосе, Мајк Фејст, Рита Морено, музика: Леонард Бернштајн, кинематографер: Јануш Камински

Еве мјузикл за оние кои не сакаат мјузикли, музички издржан, живописен и со одлични танчери. Во суштина мјузиклите се американско/англиска измислица, често театарски неупотребливи надвор од САД и Обединетото Кралство, еден вид популистичка забава преку која треба да се препознае Западниот сон за благосостојба (оптоварена со кредити и хипотеки) и безгрижност со музика и изобилие од параден гламур.

Мјузиклот е кратенка за „музички театар“. Стандардните елементи на изведбата се песни, дијалог, танц, глума, во кои ќе има хумор, љубов, конфликт… и сето тоа поддржано со сценографија, светло и технички ефекти. Почетоците на музичкиот театар се при крајот на 19 век, а неговата популарност започна во 30-тите години од минатиот век. Исчекорот го направи мјузиклот „Show Boat“ (1927). Во последниве неколку децении сведоци сме на создавањето бројни претстави меѓу кои најпопуларни беа и сеуште се „Hair“, „Lest Miserables“, „Phantom of the Opera“… а Бродвеј е епицентарот на овие случувања. Се смета дека златните години на музичкиот театар беа 1940-1960. Во тој период е создадена и „West Side Story“ за која статистиката вели дека само на Бродвеј имала 732 изведби (во оригиналната верзија).

Бродвејските претстави покренаа лавина од филмски адаптации со што ограничената театарска гледаност сега беше достапна на енормен број гледачи. Филмскиот мјузикл-бум започна во 90 тите години од минатиот век иако неколку филмови беа популарни и во претходниот период, како „The Sound of Music“ и „Victor/Victoria“. Подоцна дојдоа и „The King and I“, „All that Jazz“, „Chicago“, „Moulin Rouge!“, „Les Miserables “, „A Star is Born“ и други.

Оригиналниот филмски мјузикл „West Side Story“ е снимен во 1961 година.

Оригиналниот мјузикл од 1961 година го режираа Џером Робинс и Роберт Вајс. Во главните улоги беа Џорџ Чакирис, Натали Вуд и Рита Морено.

West Side Story/Twitter
West Side Story/Twitter

Стивен Спилберг ја темпираше филмската премиера за својата верзија на „West Side Story“ точно на 60 годишнината од првата проекција на оригиналот. Музиката на Леонард Бернштајн и текстот на Стивен Сондхајм се со освежени аранжмани и адаптации, а големи поместувања има во кореографијата на танците. Сценографијата, разбирливо, е на поинакво техничко рамниште, онака како што му прилега на магионичарот Спилберг. Промена има и во изборот на Рејчел Зеглер (колумбијка по мајка) како Марија во име на расната автентичност, но мора да признаеме дека сепак ја нема харизмата на „белата“ Натали Вуд. Вистински куриозитет е улогата на безвременската Рита Морено, која со своите 89 години е сеуште ѕвезда, онака кко што беше и во оригиналната верзија од 1961 година. (Таа е и копрудецент на новата верзија).

West Side Story/Twitter
West Side Story/Twitter

Спилберг, (умно) на ја осовременува приказната сместувајќи ја во сегашно време, и со тоа ја задржува автентичноста на времето и амбиентот кога во Њујорк се уриваа старите квартови и се создаваше денешниот Линколн Центар.

И, бидејќи речиси се почнува од Шекспир, сценаристите за предлошка ја земаат неговата „Romeo and Juliet“ заменувајќи го конфликтот помеѓу Капулетови и Монтекиеви со „Млазњаците“ и „Ајкулите“, млади бунтовни безделници со различна боја на кожата, кои се борат за територијална превласт во квартот. Романтичниот дел од приказната е помеѓу порториканката Марија и американецот Тони. Филмот на Спилберг води кон трагична завршница која прилично се разликува од онаа во оригиналната верзија.

Отворањето на филмот е спектакуларно

Камера од птичја перспектива во синусоидни движења го снима уривањето на сенишните згради, бележејќи ја активноста на дигалките и работниците. Кружењето трае бележејки неверојатни детали за да зврши со сцената на игралиштето. Истовремено, музичкиот пролог на Бернштајн не напрега да слушаме едно нечујно свиркење кое лебди во просторот како и камерата, за подоцна кулминира во жестоко ритмичко форте. Патем, ве уверувам дека слушањето на партитурата на Бернштајн ќе ви приреди огромно задоволство и без сликите од филмот. Иако должината (156 мин.) за многумина ќе биде „недостаток“, филмот ја има нужната динамика и секоја сцена има свое оправдување.

West Side Story/Twitter
West Side Story/Twitter

Тоа е што се однесува на естетското во филмот. Прашањето е што се сменило во наративот по 60 години?

Спилберговиот филм е мрачна приказна. Денес далеку по мрачна отколку онаа пред 60 години. Романсата помеѓу Марија и Тони е само омекнувачко покритие за никогаш нерешените проблеми на американската демократија со расните разлики, нетрпеливоста, ксенофобијата. А тоа денес има далеку по горчлив вкус отколку пред половина век. Класните разлики се уште поизразени а конфликтите не запираат. Навидум наивните кошкања и чаталења меѓу млазњаците и ајкулите се директна манифестација на нетрпеливост, па и омраза. Таквата констелација на однесувањата јасно води кон ескалација и трагедија. Полицијата пак само „комично“ додава масло на огнот.

West Side Story/Twitter
West Side Story/Twitter

Практично филмот (и Спилберг) го банализира заплетот во целина бидејќи има тенденција да го бојкотира носталгичниот постмодернистички дефетизам, оној што води кон апатија или омраза, до борбата на младите меѓу себе и едни за други. Го бојкотира нивниот идентитет, племенската романтична независност бидејќи се зема здраво за готово дека двете страни подеднакво ќе претрпат протерување од нивните домови на барање на полицијата задолжена да гарантира мир додека не бидат иселени заради реструктуирање на недвижностите во корист на концентрираниот капитал и благородништвото.

West Side Story/Twitter
West Side Story/Twitter

Филмската уметност и технологијата досегаат до нови хоризонти на човековата креативност, таму, светот е речиси едно семејство. Нетрпеливоста е вон овие филмски сфери. За жал, таа е постојан атрибут на различните, повластените, потценетите, обесправените, нееднаквите, белите, обоените, косооките… Можеби љубовта помеѓу Марија и Тони е малата надеж за толеранција, смирување на страстите, шанса за помирување, а сепак, грдата страна на човчката неразумност и суета го елиминираат секој можен разумен чин на помирување. Ветувањата за соживот на западната демократија биле и ќе останат само ветувања, за жал. Тоа ни го открива спилберговиот филм, било да е тоа намерата или не. Музиката и танцот речиси перверзно убаво ја кријат трагиката и вистинските црнила на приказната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот