Реал, Челси и Сити може да бидат исфрлени од полуфиналето на ЛШ
Екипите кои ќе играат во полуфиналето на Лигата на шампионите, Челси, Реал Мадрид и Манчестер сити, може да бидат исфрлени од елитното натпреварување, најави членот на извршниот одбор на УЕФА, Јеспер Мелер кој е и претседател на фудбалската федерација на Данска.
– Клубовите мора да си заминат, очекувам тоа да се случи во петок. Тогаш е закажан вонредниот состанок на Извршниот одбор и на него ќе одлучиме како ќе ја завршиме сезоната – додава Мелер.
Во полуфиналето на ЛШ треба да се сретнат ПСЖ – Манчестер сити и Реал Мадрид – Челси, а првите натпревари треба да се играат на 27. и 28. април, додека реваншите се закажани за една недела подоцна. Финалето на ЛШ треба да се игра на 29 мај на Олимпискиот стадион Ататурк во Истанбул.
Екипите на Реал Мадрид, Челси и Манчестер сити се дел од основачите на Суперлигата заедно со уште Барселона, Атлетико Мадрид, Јувентус, Милан, Интер, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Арсенал и Тотенхем.