Разговор со дизајнерката Стефанија Насеска: Најмногу калории се трошат на добар шопинг

Фото: Приватна архива

Стефанија Насеска со нескриена страст се внесува во секоја колекција што ја создава, што е доволен доказ дека таа е една од домашните модни дизајнерки, кои ја водат модата денес. Поседува исклучително сетило за естетика што го пресликува во креирањето на секоја своја колекција. Уникатна е и во своето модно творење и во својот личен стил. Последно од низата модни приказни што ги одушеви љубителите на модата е најновата колекција на Стефанија за пролет – лето 2022 насловена „The Great“ инспирирана од Александар Македонски и целосно модно прилагодена на современите модни трендови.

Со дизајнерката денеска разговаравме за исхраната, за тоа дека секој организам е приказна за себе и дека не постои единствена формула во врска со исхраната која треба да се следи. Најважно е да уживаш во здравиот дух и тело.

И нејзината исхрана како и нејзиниот личен стил се без лимити, колоритни и возбудливи.

Фото: Приватна архива

Како изгледа исхраната на Стефанија, дали се храни здраво или, пак, не може да им одолее на вкусните, но калорични јадења и деликатеси?

Стефанија ни откри една неодамнешна дисциплина што ја вовела во исхраната поради која се чувствува одлично.
– Морам да бидам искрена пред читателите и да признаам дека до пред месец и половина не можев да го поминам денот без да внесам нешто благо во организмот. Но со тек на време тоа почна да ми пречи и денес можам гордо да споделам дека шеќери и слатки работи воопшто не консумирам. Единственото благо што го внесувам во дневната исхрана се медот и овошјето – признава Стефанија.

Го прескокнува појадокот

Како за нејзината примарна професија – креирањето, така и за личниот избор на оброците Стефанија нема лимити.

– Никогаш премногу не внимавам на исхраната и оброците најчесто се во зависност од расположението. Јадам тоа што ми е вкусно и убаво. Денот го започнувам со голема шолја кафе. Во зависност од периодите, појадокот, и покрај тоа што знам дека е штетно да се прескокнува, јас го прескокнувам, па првото внесување на храна во организмот е некој калоричен ручек, но ова најчесто се случува кога имам премногу работа и кога работните обврски не можат да почекаат. Деновите кога сум послободна, за појадок си приготвувам поздрава храна комбинирана со овошје, јаткасти плодови и безлактозна павлака. Во тие денови, ручекот најчесто е задоцнет и понекалоричен. Меѓутоа, никогаш не сум си ограничила нешто во исхраната освен ако тоа не е потребно заради здравствени причини – открива дизајнерката.

Фото: Приватна архива

А, што се однесува до диетите, Стефанија има одлучен став – не ги практикува заради јо-јо ефектот.

– Диетите можеби им помагаат на луѓето, но јас не сум некој приврзаник за таквиот начин на исхрана особено ако се работи за ригорозни диети. Повеќе би внимавала што внесувам отколку стриктно да се држам до некои пишани правила. Убаво ми е кога за ручек имам некаква салата која заменува цел оброк, но тоа воопшто не го вклучувам во каков било тип на диети. Заради јо-јо ефектите никогаш не сум држела диета – вели дизајнерката.

Не е спортски дух

Стефанија не е љубителка на спорските активности, но, затоа печашењето е добра компензација за нејзиниот неспортски дух. А, признава дека најмногу калории се трошат на добар шопинг.

– Ако нешто не сум, тогаш не сум спортски тип. Сум имала обиди да вежбам и најуспешниот ми траел пет месеци континуирано вежбање со приватен тренер кое имаше резултати, но за жал, тогаш започна пандемијата, па бев принудена да го прекинам вежбањето. Многу ми е тешко да се натерам себеси да спортувам, можеби ми треба некој поголем мотив или некој да ме поттикне да го пронајдам спортистот во мене, меѓутоа, тоа не значи дека физички сум неактивна. Моето неспортување го компензирам со долго пешачење, секогаш гледам сите обврски во текот на денот низ градот да ги завршам со пешачење, кое честопати знае да биде и по 13, 14 километри. Исто така, кога времето е сончево (се разбира не секогаш) се качувам до средно Водно или до врвот, понекогаш со друштво, понекогаш сама и секогаш го доживувам тоа како постигнат успех. Колку и да негирам, мојата работа бара да сум физички активна бидејќи кога се подготвува колекција, тоа бара многу часови седење на машина за шиење или часови стоење при кроење на моделите. Кога би бирала од „спортски дисциплини“ секогаш ќе одберам шопинг. Најмногу калории се трошат на добар шопинг, доста километри поминати без да забележиме – раскажува Стефанија.

Со оглед на брзото темпо на живот, кое не ни дозволува секогаш да се храниме онака како што сакаме, дизајнерката успева да направи некаков баланс помеѓу исхраната и менаџирањето на секојдневните обврски.

„Иако јас себеси не се сметам за личност која внимава на исхраната, сепак, мојата исхрана се базира врз многу овошје и зеленчук и домашни готвени јадења. Деновите кога работните обврски не ми дозволуваат готвење или друг тип на приготвување на оброци, консумирам и брза храна. Навечер после напорен ден, понекогаш пред спиење, знам да се опуштам со една чаша добро вино или пиво во зависност од тоа што ми бара душата, и тоа ми е доволно за да имам добар сон кој, пак, ми е неопходен за следниот работен ден да сум функционална.“

Не може да им одолее на француските палачинки

Стефанија ни откри што најмногу обожава да јаде, дали има омилено јадење, како ја доживува храната…

– За гурманите велат дека уживаат во храната, јас за себе велам дека јадам за да ја задоволам животната потреба, но во последно време се фаќам како уживам кога јадам некоја салата со измешан благо-солен вкус. Не можам да издвојам омилена храна, но обожавам да експериментирам со храната и да си приготвувам необични комбинации на вкусови. Во кое било сезонско овошје може да ме „потопите“, јас ќе излезам, особено ако се работи за јагоди, цреши и малини. Од десерти, ќе ги издвојам француските палачинки приготвени дома по рецепт од мајка ми – открива Стефанија.

Таа вели дека за приготвување на храната се консултира со мајка ѝ за која има само пофални зборови, со оглед на тоа што е многу добар готвач како на традиционални, така и на современи јадења.

– За мајка ми нема нешто непознато во кујната, таа е експерт за торти, слатки… Вистински мајстор е не само за вкус, туку и за изглед на деликатесите што ги приготвува, до толку се добри што можете да ги „изедете“ со поглед. Мајка ми е премногу талентирана за тоа, па сигурно оваа фаза кај мене и моето готвење сум ја наследила од неа. Кај нас дома отсекогаш имало вкусни јадења за кои понекогаш дури и татко ми бил задолжен и се покажал дека е вешт во тоа – вели Стефанија.

Фото: Приватна архива

Својата креативност, талент и чувството за естетика Стефанија го преточила и во една друга страст – декорирањето на маси при тематски родендени.

– Како дел од мојата работа во однос на дизајнот го вклопив и мојот талент за готвење и декорирање и го развив како свој бизнис од страна, па така пред многу години кога кај нас не беше воопшто позната таа професија, јас започнав со уредување и аранжирање на маси со тематски родендени, каде што секое парче храна е подготвено од мене или од мајка ми и е во знак на темата, пред сѐ, вкусно, а потоа и убаво за очи. Многу е убаво чувството кога својата кретивност ја изразувате и преку друг медиум, а не само преку гардеробата. Можеби мојата желба кон слатките работи доаѓала и од таму. И денес, често знам лично за себе да си ја декорирам масата и да уживам во јадењето – открива Стефанија.

Фото: Приватна архива

Иако Стефанија не е прибирливец кога е во прашање исхраната, сепак, постојат намирници кои му пречат на нејзиниот организам, па затоа ги отстранила од менито.

– Од неодамна констатирав дека на мојот организам му пречат млекото и млечните производи, па би требало да направам тест да проверам дали сум лактоинтолерантна или, пак, организмот е веќе презаситен од нив. Сепак, лактозата е нештото што го избегнувам веќе две години. За среќа, сега постојат сѐ повеќе безлактозни производи, па можам да си дозволам и млечни производи во исхраната без да имам какви било тешкотии по нивното консумирање – вели дизајнерката.
Секој од нас знае кога најдобро се чувствува во своето тело, во својата кожа, дали е задоволен од својот изглед и фигура. Како Стефанија ја одржува линијата?

– Оваа зима линијата мошне малку ја заоблив, но од пред месец и половина повторно се враќам во нормала, како што кажав погоре, со исфрлање на шеќерите, газираните пијалаци и нездравите грицки. Ми беше тешко првите две недели, но во тие моменти бев премногу концентрирана на работата, па некако тој период го поминав не така страшно и без поголеми кризи, а сега дури и самиот организам не ми ги бара тие производи, па полека, но сигурно се враќам на добар пат. Јадам кога ми се јаде и готвам и јадам тоа што ми се јаде во моментот.

Фото: Приватна архива

Рецепт на Стефанија Насеска

Оброк – салата за сезоната што следи:

Состојки:

– 1 издробена марула
– 1 китка рукола
– Неколку сецкани мали коцки горгонѕола (сино сирење)
– 4-5 сецкани свежи јагоди (кога нема јагоди ставам и свежо грозје)
– 10-тина хидрирани непечени бадеми (најмалку да стојат половина час во млака вода или може да ги ставите да преноќат во чаша со вода)
– Непечен лупен сончоглед по желба
– Неколку парчиња добро солена пршута
– 1 лажица мед
– Балсамико (најчесто користам кремаст)
– Масло и сол по желба

За љубителите на мешаните вкусови ова би било еден совршен избор за оброк кој ќе ве освежи после напорен работен ден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот