Разговор со Дејан Георгиевски, таеквондистот кој ќе учествува на ОИ во Токио: Сон ми е да донесам златен олимписки медал во Македонија

фото: Македонска Tаеквондо Федерација

Мене ми е се исто, сите противници ги гледам подеднакво, ќе се обидам сите нив да ги победам, без разлика дали некој има големо искуство. Никого не потценувам ниту кревам во облаци. Мислам дека сум еден од фаворитите, но тоа нема да ме спречи пред конкурентите вели вториот Македонец кој обезбеди олимписка виза за Токио.

Македонскиот спорт на Олимписките игри во Токио ќе испише нова убава страница, за прв пат ќе има учесник на Олимпијадите во таеквондо. Пред 20-тина дена, Дејан Георгиевски на квалификацискиот турнир во Софија, успеа да го победи олимпискиот, европскиот и светскиот шампион Радик Исаев од Казахстан со што стана вториот Македонец по Могамедгаџи Нуров кој обезбеди олимписка норма за Игрите во Токио.

Сонот на Георгиевски кој од 2008 година, тоа е годината кога Македонија за последен пат имаше спортист со А олимписка норма (Атанас Николовски), започна да „другарува“ од таеквондото, а судбината сакаше, тој да се оствари на неговиот роденден. Георгиевски на 8, мај, на неговиот 22 роденден да обезбеди норма на ОИ во Токио.

– Како и секогаш имав преголема самодоверба бидејќи имавме одлични физички подготовки и со тоа што бев во одлична форма, бев подготвен и психички. Имав голема самодоверба, за ова не се подготвував само еден месец, ова беше долг тренажен процес. Бев сигурен и тоа го најавував уште од 2017 година кога станав европски шамион. Тогаш најавив дека ќе обезбедам олимписка норма и ветеното го остварив – зборува Георгиевски знаел дека ќе има тежок пат до обезбедување на олимписка норма.

фото: Македонска Tаеквондо Федерација

– Знаевме кои ќе учествуваат, но јас бев сигурен бев дури и подготвен да се борам со двајца врвни таеквондисти во мојата категорија. Но кога видов дека е еден иако тој вреди за двајца, малку ми олесна. Радик Исаев е вистинска икона во таеквондото, олимписки, европски светски шампион. Но, јас успеав да го победам и него.

По големиот успех кој беше остварен на неговиот роденден, таеквондистот на ТК Бутел, веднаш доби уште една прекрасна вест, дека тој ќе биде знаменосец на свеченото отворање на Игрите во Токио на 23. јули.

– Таа информација ја добив веднаш по борбата, а јавноста не знае дека на тој ден ми беше роденден. Но, фокусот ми беше само на борбите, друго ништо не ме интересираше. Кога заврши борбата веднаш ми кажаа луѓето од Македонскиот олимписки комитет кои беа со нас во Софија, но во тие моменти како да ми беа на друго место. Сега кога легнаа импресиите, тоа е преубаво чувство, да се биде знаменосец на Олимписки игри . Сигурен сум дека тоа ќе остане во мојата кариера и историја и ќе можам да кажам дека сим бил знаменосец на Олимписки игри.

фото: Македонска Tаеквондо Федерација

На Игрите во Токио, Дејан Георгиевски ќе биде еден од 16 најдобри таеквондисти на светот во овие моменти кои ќе се борат нивното име со златни букви да биде запишано во олимписките книги. Дејан како и борачот Могамедгаџи Нуров ќе се обидат да и го донесат првиот медал на Македонија по 2000 година и игрите во Сиднеј каде Могамед Ибрагимов го освои бронзениот медал.

– Во мојата категорија ќе има 16 натпреварувачи и за златен медал мислам дека ќе бидат потребни четири борби. Во Токио нема да има слаби противници, тука се 16-те најдобри на светот и јас со тоа немам проблеми бидејќи со поголем дел од нив се имам борено, имало и победи и порази, но сето тоа биле тесни и неизвесни борби. Но, јас секогаш сакам да одам на најдобриот бидјеќи доклку го победите најдобриот и во следната борба ќе имате полесен противник. Мислам дека можам да го победам секој борец во мојата категорија и немам дилеми во тоа.

фото: Македонска Tаеквондо Федерација

Очекувано, со вербата во своите квалитети кои ги покажа кога беше најпотребно и го победи олимпискиот шампион од Игрите во Рио де Жанеиро, амбициите на Дејан одат највисоко. Младиот таеквондист очекува да се замеша во битката за медал, и тоа најсјајниот иако конкуренцијата ќе биде пеколна.

– Не ми е план сонот со олимписката норма и учеството на ОИ тука да застане. Мојот сон е да донесам златен олимписки медал во Македонија и со Господ напред се надевам дека ќе дојде до тоа.  Јас тоа го најавувам, сигурен сум дека можам да победам било кого. Русинот Владислав  Ларин кој има големо искуство се очекува да биде еден од најтешките противници. Но, мене ми е се исто, сите ги гледам подеднакво, ќе се обидам сите да ги победам, без разлика дали некој има големо искуство. Никого не потценувам ниту кревам во облаци. Мислам дека сум еден од фаворитите, но тоа нема да ме спречи пред конкурентите. Потребен е баланс: психички и физички – зборува Дејан кој е свесен за предизвиците кои го очекуваат во Токио.

– Не смее да се изгори во желбата токму сега да се освои олимписки медал бидејќи јас сум млад и доколку нешто не се случи сега, има време за мене. Игрите во Париз се за три години.

фото: Македонска Tаеквондо Федерација

Дејан Георгиевски исто така стана првиот спортист по 2008 година кој е роден во Македонија што обезбедил олимписка норма.

Нашите услови во Македонија тука се малку потешки од останатите држави. Респект за секој македонски спортист, се надевам дека со Нуров ќе се спријателиме во Токио. Тоа што го скршив мразот, мене како Македонец ми е мерак што сум јас, но во исто време ми е жал што во изминатите 13 години немало друг спортист кој обезбедил олимписка норма бидејќи сигурно и јас би се угледал на него, а и останатите македонски спортисти ќе видат дека е можно и во нашата држава да има олимпијци и со нашиите услови – зборува Дејан Георгиевски кој се надева дека неговиот успех ќе ги поттигне младите да го засакаат таеквондото.

– Тоа ни е целта на сите, младите да се запознаат со овој спорт кој е преубав. Сите кои ќе дојдат на еден тренинг сигурен сум дека ќе го засакаат во овој спорт. Дај боже да освојам медал, тогаш сигурен сум дека клубоите ќе бидат преполни со нови членови. Тоа е нашата цел и сите заедно работиме за тоа. Според постигнатите резултати во последните 3-4 години таеквондото е најуспешен боречки спорт, имаме околу осум медали од европски, светски, медитерански игри, а сега имаме и олимпиец – вели Дејан кој подготовките пред настапот во Токио ќе ги одработи во Македонија, во Крушево и Охрид.

фото: Македонски Олимписки комитет

Знаменосецот на отворањето на Олимписките игри во Токио, својот талент го покажа уште на самиот старт кога почна да тренира таеквондо.

— Уште во основното училиште каде што одев имаше презентација  на таеквондо, на мене и на брат ми ни се допадна и решивме да почнеме и со тек на време се заљубов во овој спорт. Почнав да тренирам од 2008 година, првиот турнир на кој настапив беше можеби најсилниот на Балканот, Галеб Опен во 2009 година каде го освоив третото место –зборува Георгиевски кој ја открива разликата помеѓу таеквондото и останатите боречки спортови.

– Боречките споротви ги делам на олимписки и неолимписки. Олимписките имаат поголема тежина и конкуренција. Специфично за таекводно е што повеќе се работи со нозете. Во последно  време останатите боречки спортови „крадат“ нешто од таекводното кога станува збор за ударите со нога, како што за работа со раце се користи боксот. Таеквондото е фул контактен боречки спорт, опремата ни е полна со електроника и потребен е посилен удар за да се регистрира поенот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот