Разговор со Ангела Милеска: Запознајте го Лу, куче со 25.000 следбеници на Инстаграм

Фото: Приватна архива

Грижата за домашните миленици е одговорна работа и со себе носи бројни обврски. Но, безусловната љубов што животните им ја даваат на своите сопственици е нешто за што вреди да се посветиш.

Ангела Милеска е креативна девојка од Скопје, која се занимава со графички дизајн и со шминка, и која пред три години го вдомила Лу, симпатично куле од расата кокер шпаниел. Својата креативна страна решила да ја преточи и на социјалните мрежи, каде му отворила профил и на своето куче. Денес Лу има речиси 25 илјади следбеници на Инстаграм, кои љубопитно ги следат неговите авантури.

По повод Меѓународниот ден на милениците, таа за „Слободен печат“ ни раскажа колку Лу ѝ го променил животот и ѝ внел среќа во нејзиното секојдневие.

Фото: Приватна архива

Ангела, како реши да го вдомиш Лу и колку години се грижиш за него?

– Можам да се опишам себеси како човек што многу сака животни и цел живот ја имав привилегијата да чувам по некое животинче. Од кучиња, мачки и папагали, па сѐ до еден полжав којшто го чував на тераса на седми кат. Но, отсекогаш кучињата ми биле омилени, а сигурна сум дека и тие тоа го чувствуваа бидејќи уште кога бев дете уличните кучиња постојано ми приоѓаа и беа до мене.

Досега имав четири кучиња и сите беа вдомени од улица, а кога почина последнато знаев дека морам да земам кокер шпаниел бидејќи бев заљубена во расата уште од самото детство, а „Дамата и скитникот“ ми беше омилен цртан филм.

Иако многу луѓе не се осмелуваат повторно да вдомат куче откако ќе го изгубат претходното, јас едноставно не можев да издржам домот да ми биде празен, па така во мојот живот влезе Лу. Името го доби во чест на претходното куче, коешто се викаше Луси, и тој ми го прави животот многу поубав веќе три ипол години.

Фото: Приватна архива

Кокер шпаниел е кучешка раса која е препознатлива по својот весел, љубезен и друштвен темперамент. Каков е Лу во своето секојдневие и кои се неговите омилени активности?

– Колку што го обожавам изгледот на кокерите, толку го обожавам и нивниот карактер.

Надвор, Лу е многу весело куче коешто можам слободно да кажам дека не се плаши од ништо. Сѐ го интересира и мора сѐ да провери, стапчињата му се живот, а омилена активност му е пливање. Неколку пати има скокнато во езерцето во парк и во Вардар, а јас секогаш се трудам да го носам со мене на одмор за да може да ужива. Можам да ви кажам дека знае и по саат време да одбива да излезе од вода.

А кога сме дома, често знам да искоментирам дека се чувствувам како да немам куче. Цело време си лежи и спие, а станува само кога некој ќе отвори фрижидер.

Фото: Приватна архива

Како сопственичка на куче од оваа раса, дали досега си се соочила со одредени предизвици и дали има некои здравствени аспекти на кои треба да се внимава?

– Секогаш препорачувам вдомување на кучиња, но доколку некој се реши да купи куче сметам дека треба добро да истражи од кого го купува, кои се претците на тоа куче и слично.

Кокерите често знаат да имаат проблеми со ушите, па поради тоа се препорачува нивно редовно чистење, а бидејќи имаат долго влакно коешто постојано расте потребна е голема нега. Лу го шишам отприлика еднаш месечно, а скоро секој ден го чешлам.

Досега се немаме соочено со некој поголем здравствен проблем, а и многу често бивши сопственици на кокери кога ќе го видат Лу знаат да искоментираат дека нивните кокери живееле по 14-15 години, па според тоа може да се заклучи дека кокерите се прилично здрави кучиња и имаат долг животен век.

Фото: Приватна архива

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на милениците. Какво беше влијанието на Лу врз твојот живот?

– Животот немаше да ми биде ист доколку го немав Лу. Дури и кога немам желба да излезам од дома, Лу е тука да ме натера на спротивното.

Ме научи дека секогаш треба да гледам позитивно на животот, лутината да ми поминува за три секунди, да живеам во моментот и да се радувам на авантурите, многу лесно да се соочувам со стравовите, да се запознаам со многу луѓе и најважното од сѐ – да се радувам на „стапчиња“.

Ситниците го прават животот убав и Лу, дефинитивно, ме научи на тоа.

Фото: Приватна архива

Лу е вистински инфлуенсер на социјалните мрежи, со речиси 25 илјади следбеници на Инстаграм. Како дојде до идејата да му направиш профил?

– Додека сум на Инстаграм, најмногу време поминувам гледајќи содржини со со кучиња и животни, па поради тоа решив на му направам профил на Лу. На кучешката страна на Инстаграм нема драми, расправии, љубомора и негативности. Дополнително, сите негови слики се на едно место, од периодот кога имаше шест недели и тежеше еден килограм, па сѐ до денес.

Фото: Приватна архива

Каде добиваш инспирација за содржина на социјалните мрежи и дали Лу навистина сака да позира?

– Јас сум човек што обожава работи поврзани со креативност. Во слободно време цртам, а работам како шминкер и како графички дизајнер. Обожавам да сликам, а Лу е, дефинитивно, најдобриот модел. Плус, сѐ ќе направи за грицка. Двете страни се среќни и задоволни (се смее).

Фото: Приватна архива

Која е твојата порака до сите оние кои би сакале да вдомат куче, а се двоумат, без разлика дали е расно или не?

– Дефинитивно, би препорачала добро да се размисли пред да се земе куче, тоа не е играчка, туку живо суштество коешто ќе биде зависно од нас во наредните 10, до 15 години.

Нормално дека ќе греши дома додека не се научи на хигиенски навики, ќе треба да се шета минимум трипати дневно, ќе има трошoци за храна, за ветеринар, ампули, вакцини, грицки, играчки и така натаму.

Ништо не ме лути повеќе од половичен и незаинтересиран пристап. Кучињата имаат чувства и не заслужуваат да мислат дека имаат дом само за да бидат фрлени или оставени од некој кој не одвоил малку време да ги разгледа одговорностите како сопственик на куче. Тие се живи суштества, а не се играчки и сѐ што имаат на светот сме им ние.

И доколку сте спремни на сето тоа знајте дека кучињата ќе ви вратат помножено со 50. Тие не знаат за ништо друго освен за љубов. Најдобри пријатели за цел живот.

Разговор со Александра Никушевска: Нала ме научи дека нејзината раса е полна со љубов

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот