Расчистена дилема: Сите домати не се исти, поевтини се само оние со црвена боја!

Домати краставици цени во маркети / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Случајно или намерно во објавите за замрзнатата цена на доматите е испуштено да се наведе дека замрзнатата цена од 70 денари за еден килограм се однесува само за црвените домати

Розовите и шери доматите не се „под мраз“. Нивната цена деновиве варира од 180 денари на пазар, до 189 и 259 денари за килограм по маркетите! Водени од желбата да си купат евтин зарзават, граѓаните што не сметаа на посебната „колорна селекција“, деновиве се фрапирани кога на касите им излегува трипати повисока цена за килограм домати. Дури отпосле разбираат дека посегнале по розов домат, па револтирано го враќаат.

– Купив три домати во маркет и на каса ми излезе сметка од 120 денари. Се фрапирав, но продавачката ми посочи дека сум земала од розовиот домат, кој е увозен и не е замрзнат. Кога веќе се кажува кој зеленчук и по која цена треба да се продава, треба јасно да се назначи дека владината мерка се однесува само за црвените домати. Вака излегува дека има колорна селекција, а потрошувачите треба да отворат десет очи за да не бидат манипулирани – раскажува една револтирана муштерика. За да ја расчистиме дилемата, од ДПИ ни појаснија дека замрзнатата цена од 70 денари важи само за црвениот домат!

Случајно или намерно, ова е заборавено да се нагласи во објавите за замрзнатата цена на доматите. „Слободен печат“ ги провери сите информации од Владата, Министерството за економија и од Државниот пазарен инспекторат и таму не е децидно прецизирано за каков вид домати станува збор.

Дека трговците ќе најдат „дупки во законот“ се гледа и при продажбата на зелените пиперки што по замрзнувањето би требало да се продаваат по цена од 90 денари за килограм. Но, тие не само што исчезнаа од тезгите, туку пазарџиите во овие неколку денови престанаа да ги продаваат на кило и арогантно нудат една зелена пиперка, без разлика дали е лута или блага, по цена од 10 и 15 денари за парче!

Откако увозниците деновиве експресно останаа (читај ги скрија) без свеж зарзават и овошје, Владата донесе нова одлука со која ги задолжи трговците што продаваат овошје и зеленчук да прибавуваат и да продаваат 70 проценти од количествата што ги продале во јануари и февруари. Оваа одлука, којашто следува по одлуката за замрзнување на цените на определени видови овошје и зеленчук, е предвидено да важи до крајот на април.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот