Прво се „тресат“ големите маркети, меѓу затворените „Веро“ и „Вива фреш“-Ковачевски, Бектеши и Трајковски во „контролни“ посети

Фото: МИА

Во вторник ќе се носи одлука за намалување на цените на алкохолните и на безалкохолните пијалаци, а се прави анализа за хигиенските производи, најави министерот за економија, а Законот за нефер трговски практики ќе биде доставен до Владата неделава

Дел од маркетите на трговските синџири „Веро“ и „Вива фреш“ се меѓу оние што викендов ги затвори пазарната инспекција поради непочитување на владината Одлука за намалување на цените за 10 отсто, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата „Алма М“. Министерот рече дека целата држава ги знае кои се и нему не му е проблем да ги објави.

– Нема зошто да не им се знаат имињата и граѓаните да ги знаат. Не се плашам и не ми е проблем да ги кажам не само сега, туку и во иднина ако продолжат со непридржување до мерките. Логично е кои се. Имаме 8 до 10 големи синџири што имаат маркети во речиси секој град во државата, покриваат најголем дел од трговијата, прават најголем промет и логично е што ДПИ токму кај нив ги правеше првите контроли – истакна Бектеши.

Тој ја искористи можноста да ги искара медиумите, кои според него ги премолчувале имињата на затворените трговски синџири, бидејќи „кај нив пуштале реклами“.

Министерот додаде дека медиумите и граѓаните сами може да уверат во тоа дали владините мерки се ефективни и најави дека секоја недела имаат седница на владата на која ако треба ќе решат дали има потреба да се направи измена во постојните мерки во однос на роковите, нема да има компромис и граѓаните треба да бидат спокојни дека мерките ќе бидат целосно реализирани.

Во вторник ќе се носи одлука за намалување на цените на алкохолните и на безалкохолните пијалаци, а се прави анализа за хигиенските производи, најави Бектеши, а Законот за нефер трговски практики ќе биде доставен до Владата неделава. Министерот соопшти дека колку што е тој информиран, досега немало контрола од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во однос на поплаките на Стопанската комора дека компаниите имале кус период да се престројат според мерките, Бектеши реагираше дека одлуката не е донесена преку ноќ, а трговците имале рок да ги направат сите измени.

– Имавме состаноци со сите, недела дена пред да се донесат мерките. Имам одлична соработка со Комората, ама нивните изјави се контрадикторни. Пред една недела претседателот Азески во интервју рече дека сите инспекции треба да постапуваат, па му ја исполнивме желбата – поентираше Бектеши.
И премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека кај некои производи веќе има намалување и повеќе од 10 проценти и апелираше до трговците да ги почитуваат мерките.

Тој ја пофали ажурноста на пазарните инспектори и порача дека сè додека е тој премиер, нема да престанат да го зголемуваат стандардот на граѓаните, набројувајќи ги сите зголемувања на платите што се во тек или ќе се случат.

 Пешев: Треба време да се сменат цените, казните се престроги

Затворањето на повеќе маркети е престрога мерка, бидејќи од носењето на владините одлуки до престројувањето на работата на трговците имаше многу малку време, порача Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Македонија. Тој реагира дека не било лесно да се сменат цените на 1.200 артикли не само во касите, туку на рафтовите, па оттука пропустите што викендов ги констатираше ДПИ не се намерни и казните не треба да бидат драконски.

Пешев вели дека е лоша слика некој маркет да стои затворен и ДПИ мора да има разумен рок тие да ги отстранат неправилностите. Според Пешев, тој присуствувал на сите состаноци во Министерството за економија и со трговците и со дистрибутерите, кои се согласиле солидарно да намалат по 5 отсто од своите маржи за да се излезе во пресрет на граѓаните, но како и сите други граѓани, од медиумите разбрал дека референтната цена од која ќе важат намалувањата ќе биде од 1 август.

Претходно од ДПИ информираа дека пет големи трговски синџири, освен што викендов добија етикета – непочитувачи на одлуките и на другите законски прописи, беа и казнети со 73 илјади евра и затворени. Законот дозволува затворањето да трае од 3 до 30 дена.
– Ова нека биде опомена за тие да се средат и јас стојам зад тоа дека нема да има компромис – порача Горан Трајковски, директор на ДПИ. Тој откри дека основата за казнување бил фактот што трговците ставале знак „гарантирана цена“, а производот не бил намален или, пак, ставале знак за производ што не бил опфатен со владината одлука. Владината Одлука за намалување на цените на прехранбени производи за најмалку 10 отсто како и замрзнување на намалените цени, треба да трае до крајот на ноември.

 Дистрибутерите да ги полнат дуќаните за да не бидат казнети

Во саботата беа извршени повеќе од 50 надзори и се затворија 5 големи маркети и 7 се казнети поради непочитување на владината одлука. Не е нашата цел да ги затвориме сите маркети, туку сериозно да си ги средат одлуките, а доколку повторно утврдиме, пак ќе затвораме. Пет дена се доволни за да се средат – рече Горан Трајковски, директор на ДПИ. Во однос на снабдувањето, Трајковски им порача на компаниите дека одлуката за исполнетост на рафтовите од 70 отсто во однос на август важи и за трговците и за дистрибутерите и таа мора да се почитува.

– Контролите се вршат и кај трговците на мало и кај трговците на големо што ги опфаќа и снабдувачите и сите други компании – порача Трајковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот