Просрпските партии во Црна Гора, лути поради поддршката на Косово за Советот на Европа

Комисијата за меѓународни односи на Парламентот на Црна Гора за 3 мај ја закажа расправата на премиерот во техничкиот мандат Дритан Абазовиќ во врска со поддршката на Косово за членство во Советот на Европа.

Сослушувањето на Абазовиќ, кој ја извршува и функцијата министер за надворешни работи, беше поддржан од пратениците на прорускиот Демократски фронт (ДФ), оние на просрпската Социјалистичка народна партија (СНП) и Демократите, на предлог на претседателот на Комисијата, Миодраг Лекиќ.

Комитетот на министри на Советот на Европа го поддржа испраќањето на барањето за гласање до неговото Парламентарно собрание на 24 април, за што гласаше и претставникот на Црна Гора. Од 46 земји на Советот на Европа, 33 гласаа за.

Црна Гора ја донесе одлуката да го поддржи приемот на Косово во Советот на Европа по потребните процедури, неофицијално за Радио Слободна Европа беше потврдено од Владата на 26 април.

На ова жестоко реагираа дел од просрпските партии на власт, кои тврдат дека се прекршени процедурите, бидејќи за такво нешто не се разговарало во Владата.

Извор од Владата, кој сакаше да остане анонимен, за РЕЛ појасни дека МНР му дава инструкции на амбасадорот да гласа во сите меѓународни организации, врз основа на политичкиот договор на кој се потпира Владата.

„А договорот е да не се менува надворешната политика. Договорот е да не го блокираме Косово“, вели изворот.

Од кабинетот на премиерот Дритан Абазовиќ, кој е и в.д. министер за надворешни работи, за оваа прилика нема официјално соопштение.

Абазовиќ при последната посета на Косово истакна дека Црна Гора ќе ја поддржи интеграцијата на Косово во сите меѓународни и регионални организации.

Подгорица официјално го призна Косово како независна држава во 2008 година, за време на владата на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ, кој беше сменет во август 2020 година по три децении на власт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот