Пролетта носи проблеми: Ветерот не е добар за срцевите болни, дождот фрла во депресија!

Фото: Профимедиа

Колкупати за вашата главоболка, лошото расположение или за заморот сте го обвиниле „тешкото време“? Тоа е целосно оправдано, затоа што наглите промени во температурата, во притисокот и во влажноста на воздухот, кои се карактеристични за овој период од годината, го оптоваруваат секој организам. Сепак, има начини за да си помогнете.

Последиците од нестабилното време особено ги чувствуваат луѓето кои страдаат од хронични болести на срцето, болки во коските и во зглобовите или во зараснатите рани. Кај нив симптомите се многу поизразени токму во деновите кога времето се менува. Главниот виновник за засилување на болката, всушност, е атмосферскиот електрицитет. Во периодот кога се приближува бурата или, пак, кога дува силен ветер, во воздухот се зголемува нивото на позитивни јони. Токму на нив реагира човековиот организам. Со вдишување на таквиот воздух, се зголемува излачувањето на хормонот серотонин, што понатаму влијае на стеснување на мазните мускули во ѕидовите на крвните садови. Последиците се покачен притисок, биење на срцето, треперење и главоболка. Од друга страна, намаленото излачување на хормонот адреналин предизвикува лошо расположение и замор.

Ветерот дува, срцето чука

На организмот му е потребно четири до пет часа за да се прилагоди на промените на температурата и на влагата во воздухот. Тоа е особено тешко за луѓето кои имаат срцеви тегоби, како тахикардија или хипертензија. Вредностите на крвниот притисок понекогаш се менуваат и повеќе пати во текот на денот, па кај многумина е проблем, и покрај редовната терапија, да го стабилизираат. Затоа во деновите кога нагло се намалува атмосферскиот притисок, кога влагата во воздухот е голема или кога дува силен ветер, многу болни од срце бараат помош од лекар.

Важно за луѓето со такви здравствени проблеми е да ги следат дневните извештаи за биопрогнозата, за да се прилагодат на временските прилики. Освен лесна и балансирана храна, не им се препорачува престој на отворено и поголем физички напор, особено не во деновите кога дува силен ветер. Доколку се работи за изразени срцеви пречки, лекарите ги советуваат пациентите да внесуваат помалку течности, само толку колку е потребно да ја задоволат жедта. Всушност, вишокот на течности може дополнително да го оптовари кардиоваскуларниот систем.

Пролетни главоболки

Голем број на анализи го потврдиле влијанието на временскиот фактор врз ревматските болести, кога се зголемуваат болките во коските, зглобовите и во мускулите. Наглите промени на атмосферскиот притисок и зголемената влажност на воздухот особено не им годат на луѓето кои страдаат од синдромот на фибромијалгија. Станува збор за хронично заболување кое се манифестира како замор придружен со болки во мускулите, тетивите и во другите сврзни ткива. Главно се јавува кај жените, а на влошување на состојбата влијаат стресот и временските промени. Според еден извештај, 90 отсто од жените кои го имале оваа заболување, изјавиле дека се чувствуваат полошо додека времето е ладно и влажно.

Атмосферскиот притисок и наглите промени на температурата на воздухот се одговорни и за главоболките кои често ги чувствуваме сите кога времето е „тешко“. Резултатите од неколку истражувања покажале дека повеќе од половина од главоболките се предизвикани од временските услови. Главоболките во текот на влажното и ладно време најмногу ги мачат луѓето кои страдаат од хроничен синуситис.

Променливото време го става на проба и нашиот респираторен систем. Сувото и топло време го отежнува дишењето, а тоа особено претставува голем проблем за астматичарите. Загадениот воздух и зголемената концентрација на полен во воздухот во пролетта, исто така може да придонесе за напади на астма. Кај овие луѓе најизразените тегоби се јавуваат непосредно пред дождот. Но, кога ќе почне да врне, потребно е широко да се отворат прозорците или да се излезе на прошетка, затоа што тогаш воздухот содржи најмногу негативни јони, кои носат олеснување. .

Метереопатите го прогнозираат времето

Сонцето ме исцрпува, ветерот ме иритира, а дождот ме фрла во депресија. Ако сте забележале дека климата влијае на вашето расположение, добредојдовте во „клубот на метереопатите“. Додека кај луѓето кои страдаат од хронични болести, тегобите настапуваат заедно со промената на временските услови, метереопатите може нив да ги почувствуваат 12 до 48 часа порано. Некои луѓе буквално се болни секогаш кога метеоролозите најавуваат врнежи. Ги боли глава, нервите им се напнати и се чувствуваат дека ќе „пукнат“. Потоа, дождот им носи олеснување и тегобите исчезнуваат сами од себе.

Истражувањата до крај немаат потврдено зошто некои луѓе се почувствителни на временските услови од другите. Сепак, се покажало дека метереопатијатае почеста кај луѓето кои имаат почувствителен метаболизам и тие посилно реагираат на хормонски промени. Токму ова објаснува зошто две третини од жените се метереопати.

Впрочем, според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), пречувствителност на временските услови покажува секоја петта личност од 20 години, секоја трета од 40 и секоја втора по шеесеттата година од животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот