Производители: Ако нема царински ослободувања, домашните салами многу ќе поскапат

Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

На 5 јуни истекува мерката за бесцарински увоз на замрзнато свинско месо за преработки, а ако не продолжи мерката, ќе се применуваат царини од 20 до 40 проценти.

Мерката за бесцарински увоз на замрзнато месо за преработки истекува на 5 јуни, а сопствениците на фабриките од месната индустрија велат дека немаат сигнали од Владата за нејзино продолжување. Доколку тоа не се случи, преработувачите алармираат дека домашните салами и колбаси ќе бидат поскапи за износот на царината на суровината која е од 20 до 40 проценти.

– Веќе 3 години функционира мерката – нула царина за увоз на свинско замрзнато месо. Ова мерка е 6-месечна и досега повеќепати се продолжуваше. Официјално ќе предадеме барање до Владата за повторно 6-месечно продолжување на мерката. Во спротивно, по 5 јуни ќе мора да ги поскапиме нашите производи. Но, така, домашните производи може да станат и неконкурентни во однос на странските, а тоа може да доведе до пропаѓање на некои компании. Ова значи дека, од една страна, ќе губиме домашно производство, а од друга страна ќе се губат работни места – вели Гоце Трајчев, претседател на Групација на производители и преработувачи на месо.

Трајчев вели дека тие бараат еднакви услови за работа како во регионот за да може да бидат конкурентни, но и за да не се случи преселување на наши компании во други земји.

– Ако не се продолжи мерката, тоа значи дека ние ќе увезуваме суровини со царина, а има земји од регионот што воопшто немаат царини за увоз на суровината – замрзнато свинско месо за преработки, па така нивните производи ќе стигнат поевтини во нашата земја – објаснува Трајчев.

Ако кај нас увозните царини за замрзнатото свинско месо за преработки е од 20 до 40 проценти, во Србија е од 6 до 9 проценти, а во Црна Гора и во Босна и Херцеговина е нула.

– Ако мора да се бара решение, не е исклучиво пренесувањето на производството во друга земја, пред сè во Србија. Може погонот да биде непосредно преку граница, ама сепак да не биде кај нас. А тоа е загуба за целата држава. Тоа се случи со одредени производствени погони од Хрватска што се преселија во Босна и во Црна Гора – вели Трајчев.

Од Стопанската комора алармираат дека овој сектор се наоѓа во исклучително тешка состојба.

– Од Нова година до сега цените на суровините енормно се зголемија. Така, цените на пченицата пораснаа од 400 евра за тон на 1.200 евра, на пченката од 300 евра за тон на 800 евра, цената на електричната енергија се зголеми за 100 проценти, па и за повеќе, а отежнато е и склучувањето на договорите, но и исполнувањето на веќе склучените договори за испорака на замрзнато свинско месо. Многу компании не може да ги набават договорените количини, а две помали, поради тоа се затворија – рече Васко Ристовски од Стопанската комора.

Оттаму велат дека за дел од суровините веќе важат царински намалувања и посочуваат дека за замрзнатото свинско месо привремена мерка би била нула царина, а трајна – значително намалување на царините од она ниво на кое сега се утврдени.
Како особено битен факт, од месната индустрија потенцираат дека укинатата царина за увоз на замрзнато свинско месо за преработки не оди на штета на домашните фармери.

Во короната повеќе се јадело домашно месо

Во време на пандемијата, иако не работеа рестораните, домашните производители на месо и месни преработки работеле подобро од претходно. Од Стопанската комора велат дека една од причините се и ваучерите што се даваа на ранливите категории за купување домашни производи.

– Производството на сувомесни преработки во 2019 и во 2020 година е за една нијанса подобро отколку претходно, за тоа време имаме и намалување на увоз на свежо свинско месо, што оди во прилог на домашните фармери. Увозот на свежо свинско месо се намали од 12,6 илјади тони на 11.500 тони, тоа е сепак 10 проценти. Како почна 2021 година, имаме обратна тенденција – благо намалување на домашното производство и зголемување на увозот на свежо свинско месо. Истото се однесува и на готовите преработки, односно во 2019 и во 2020 година имало благо опаѓање на увозот, а сега раст – изјави Васко Ристовски од Стопанската комора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот