Профитот, сепак, најважен? Бизниси за време на коронавирус: шешири против плукање и роботи

Производителите на средства за дезинфекција и заштитни костуми профитираа од новонастанатата ситуација.

Многу компании пронаоѓаат креативни начини како да заработат во екот на епидемијата на новиот коронавирус, што предизвика крах на меѓународниот пазар, погодувајќи ги авиокомпаниите, филмската индустрија и локалното претприемништво.

Производителите на средства за дезинфекција и заштитни костуми профитираа од новонастанатата ситуација. И поедини помали компании се обидуваат да ги искористат необичните деловни предности што ги овозможи ширењето на вирусот. Некои од нив ги промовираат своите производи како директна врска со овој вирус, додека други тврдат дека потрошувачите ја виделе важноста на нивните производи, вклучително и прочистувачите на воздухот, роботи, па дури и шешири против плукање.

Исто како и заштитните маски, одредени производи што не се првично наменети за здравствените работници, можат да бидат од голема помош во борбата против ширењето на заразата.

Роботи

Во некои случаи, роботите се користат за да се спречи директен контакт помеѓу вработените во болницата и пациентите, на пример, при давањето лекови. Американската компанија „Промобот“, неодамна ја испрати својата машина на Тајмс сквер во Њујорк за да испита дали минувачите имаат симптоми што би укажале дека се заразени. Во еден момент, роботот, наводно, делел и заштитни маски за еднократна употреба, и покрај молбата на локалните власти да не ги користат здрави лица.

Прочистувачи на воздухот

Неколку компании беа критикувани за неточни тврдења дека нивните прочистувачи го неутрализираат новиот коронавирус, а слично било и во 2003 година кога се појави САРС, исто така, вид на коронавирус. Така, „Ерпура“ ги рекламира своите уреди како способни да го отстранат коронавирусот од воздухот. Слично тврдат и претставниците на компанијата „Молекул“, дека нивните производи можат да го уништат вирусот. Цената на нивните прочистувачи започнува од 712 евра. Предности на овие уреди секако постојат, особено во здравствените установи, но нема докази дека тие можат да им помогнат на поединците во борбата против коронавирусот.

Читачи на телесната температура

Технологијата за далечинско читање на телесната температура се истакнува како еден од одговорите на епидемијата, бидејќи така би можело да се утврди дали некој има треска. Ваквата технологија веќе се применува во Кина и буди интересирање и во други земји.

Компанијата „Трето око“ одлучила да го надгради својот термички систем за сликање со очила за виртуелна реалност. Во текот на наредниот месец и половина, тие ќе испорачаат речиси 2.000 од овие модифицирани очила. Очилата веќе ги користат работниците на Меѓународниот аеродром во Хонг Конг. Со помош на нив, тие ќе можат да прочитаат дали патниците имаат зголемена температура.

„Shouqi Limousine & Chauffeur“, кинеска агенција за транспорт, користи технологија на термичко сликање во некои од своите возила за да ја следи температурата на корисниците, но и на своите возачи. Системот е програмиран да издаде предупредување ако температурата во возилото е превисока.

Хај-тех дезинфекција

Електростатскиот спреј е една од алатките што може да се користи за дезинфекција на својата околина. Тие работат на сличен принцип како средството за чистење во обично шише, но имаат поголем набој (полнење) па потемелно ја покриваат испрсканата површина. Овој спреј го користат компании, здравствените установи во Сингапур и училиштата во американската сојузна држава Јута.

Џереми Греј, управен директор на „ЕртСафе“, компанија што се занимава со биорастворливи средства за дезинфекција, откри дека нивниот електростатски спреј има 100 пати поголема побарувачка од вообичаеното за сезоната на грипот. Најчести клиенти им се канцелариите, училиштата и надлежните органи во областа на транспортот.

Шешири против плукање

На платформата „Амазон“ може да се пронајдат шешири со заштитен визир наменет за спречување на бактериите и микробите што другите ги искашлуваат, да дојдат до вашето лице. „Амазон“, инаку, отстрани повеќе од милион производи, што се пласирани како наводно ефикасни во борбата против вирусот ковид-19 поради лажни реклами.

Маици со потсетник да се мијат рацете, како и нараквица на која пишува „Преживеав коронавирус“ се исто така на продажба. На „Креглист“, популарна американска веб-страница за рекламирање, може да се пронајдат контејнери за складирање стока адаптирана за во карантин и автомобил во случај на зомби апокалипса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот