Проблематични паричните казни за 500 матични лекари

Фото: МИА

Бидејќи во помалите градови нема доволно специјалистички кадар, се случува да препишуваат лекарства матичните лекари или специјалисти од друга област. За Фондот за здравствено осигурување тоа е прекршок и го казнува со најмалку 15 илјади денари за еден вака издаден рецепт.

Околу 500 матични лекари ќе пишуваат приговори до Фондот за здравство, зашто им стигнале решенија да платат казни, зашто препишувале лекарства за болести за кои не се стручни, а според Фондот тоа е прекршок.

– Казните се од минатите пет години, а се однесуваат на технички пропусти. Бидејќи во помалите градови нема доволно специјалистички кадар, некогаш се случува да препишуваат лекарства матичните лекари или специјалисти од друга област. За Фондот за здравствено осигурување тоа е прекршок и го казнува со најмалку 15 илјади денари за еден вака издаден рецепт. Значи, цената на тој дефицит ја плаќаат матичните лекари – вели за „Слободен печат“ претседателката на Здружението на приватни лекари Лилија Чолакова Дервишова.

Таа објаснува дека тие грешки кај матичните лекари се поради преголемиот обем на работа во примарното здравство.

– На пример, се случува интернист да препише лек, зашто нема уролог во Неготино. Значи, препишан е лекот, за пациентот онака како што треба, ама не бил соодветен специјалистот. Или, за лошо водена медицинска евиденција. Лекот „Мендилекс“ го препишуваат психијатри, а според режимот треба да го препише невролог. Сите сме свесни дека во внатрешноста на Македонија дефицитарни се уролози, микробиолози, психијатри, интернисти… Во секој град недостасува некој специјалист – вели Чолакова Дервишова.

Откако голем број матични лекари изразиле револт за старите казни, се одржа состанок помеѓу приватните матични лекари и ФЗОМ, на кој било дискутирано за овој проблем. Од Министерството за здравство кратко велат дека состанокот бил одржан за да се зголеми функционалноста и да се подобрат условите за работа на матичните лекари.

– Сите овие казни, со поранешните договори што ги имавме со ФЗОМ беа на ниво на опомена. Но, во последниот договор, правниот сектор на Фондот одлучи да бидат парични. Ултимативно: или ќе го прифатиш или ќе бидеш без работа. И сите ние го потпишавме новиот договор со кој казните од претходните години, значи ретроактивно, годинава ќе бидат парични. Матичниот лекар е казнет зашто му нашле дека рецептата требало да биде од невролог, а ја препишал психијатар. Ако ви најдат пет такви рецепти, тоа е петпати по 15.000 денари. И ова се случува откако цела година мораше да работиме во пандемија – да печатиме, упатуваме за боледувања, да скенираме документи, да закажуваме ПЦР, закажуваме вакцинација…Енормна работа која не само што не се цени, туку не казнуваат за нешто што се случило пред три години. Ниеден друг ресор не е казнет – објаснува Чолакова Дервишова.

Сите казнети лекари ќе пишуваат приговори и се надеваат на позитивен исход. Од Фондот за здравство велат дека ќе ги прифатат само приговорите тие за кои има законска основа.

– Воопшто не станува збор за простување на казните.Ние не сметаме дека се бесправно казнети. Сепак, приговорот ќе го разгледа второстепена комисија и ако се работи за техничка грешка ќе се земе предвид, но не за сите по дифолт туку за тие што има основа. Зашто, законски ние немаме право да простуваме казни – вели Ирфан Лимани од секторот за комуникации на Фондот за здравство.

Матичните лекари имаат и други барања за да се подобри потрошувачката на здравствениот денар. Така на пример, тие бараат да можат да препишуваат лекови за кои се стручни, наместо да ги препраќаат пациентите во терциерното здравство. Исто така, тие предложиле препораките од специјалистите за трајни медицински состојби да не важат само одреден број месеци, туку трајно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот