Пробајте го гастрономското ремек-дело на Дијана Иваноска

Фото: Приватна архива

Животот навистина може да биде беспрекорно „вкусен“, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.

Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – тарт татин со круши.

„Еве една убава идеја како да се употребат крушите што ги има во изобилие периодов. Крцкава кора, сочни карамелизирани круши и прекрасен мирис на цимет“, вели Дијана.

Фото: Приватна архива

Состојки:

За кората:

– 170 г ладен путер
– 350 г брашно
– 1 лажиче сол
– 1 лажица шеќер во прав
– 60 мл ладна вода

За полнењето:

– 5 круши
– 60 г путер
– 100 г шеќер
– 1/4 лажиче цимет

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Во подлабок сад измешајте го брашното со шеќерот во прав и солта. Ладниот путер исечкајте го на ситни коцки и тријте го низ брашното додека добиете ронлива смеса. Додајте ја водата и соединете ја смесата во топка. Не треба да се меси, само да се спои. Завиткајте го тестото во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер најмалку еден час. Може да го подготвите и ден порано.
Излупете ги крушите, исечете ги на половина и отстранете ги семките и жилите внатре.
Во тавата во која ќе го печете тартот (приближно 25 см пречник), ставете го путерот и загревајте на средна температура додека се стопи и почне да пени. Додајте го шеќерот и измешајте. Наредете ги крушите во круг со исечената страна нагоре. Загревајте без мешање на тивок оган додека шеќерот не добие боја на карамел. Крушите оставете ги да се изладат на собна температура.
Загрејте ја рерната на 220 степени Целзиусови.
Развлечете го тестото во круг неколку сантиметри поголем од тавата. Наросете цимет врз крушите.
Ставете го тестото врз крушите и краевите подвиткајте ги надолу од страните на тавчето.
Печете 30 до 35 минути, зависно од вашата рерна.
Кога ќе го извадите тартот од рерна оставете го да се излади 5 минути, а потоа поклопете го со чинија поголема од тавчето и внимателно превртете го тартот.
Оставете да се излади 15 -20 минути. Послужете со матена слатка павлака или сладолед од ванила. Уживајте!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот