Приближени ставовите за Законот за ЈО

обвинителство ојо

Зголемувањето на буџетот на обвинителството и изнаоѓањето модуси за поголема одговорност на вработените и обвинителите се двете прашања по кои претставници на власта и на опозицијата на вчерашните разговори за законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на СЈО, ги приближиле ставовите.

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски по средбата што се одржа во Владата изјави дека со опозицијата биле отворени темите за финансирање на обвинителството воопшто и темата за одговорноста на обвинителите.

-Тука имаме приближување на ставовите, во делот на зголемувањето на буџетот што би го имало Обвинителството во Република Северна Македонија. Значи да го зголемиме буџетот на обвинителството, како би добиле поголема самостојност како орган. Разговаравме и за изнаоѓање модуси за поголема одговорност на вработените и на самите обвинители. Во овој момент имаме приближување на ставовите, мислам дека тука можеме да изнајдеме заедничко решение во законот, рече заменик министерот Ристовски.

Тој додаде дека состаноците и разговорите за законот за Јавното обвинителство, кој е во собраниска процедура, а за кој меѓународната јавност даде позитивна оценка за текстот, ќе продолжат и во текот на оваа недела и дека измените кои ќе се договорат, ќе одат амандмански во Собранието.

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Антонио Милошоски изрази задоволство бидејќи, како што рече, средбата била конструктивна и се договориле околу финансирањето на обвинителството и за поголема одговорност на обвинителите.

-За двете прашања што денеска беа отворени е постигнато приближување на ставовите. Првото е начинот на финансирање и зголемување на буџетската независност на државното Јавно обвинителство, каде што гледаме дека горе – долу имаме некои слични концепти и приближување на ставовите и второто е зголемувањето на одговорноста на самите обвинители како поединци,  но исто така и на обвинителствата како структури, рече Милошоски.

Премиерот Зоран Заев на прес-конференција изрази надеж дека ќе се најде решение, дека власта веќе прифатила повеќе предлози на опозицијата и оти го разгледува законот предложен од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев ја отфрли можноста за условување на поддршката од опозицијата за законот со одржување предвремени парламентарни избори.

За Предлог – законот за Јавно обвинителство што го предложи Владата, претседателот на Собранието Талат Џафери закажа седница на 27 август.

Предлог-законот, за кој е потребно двотретинско мнозинство е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка.

Еврокомесарот Јоханес Хан на последната посета на Скопје рече дека донесувањето на законот за јавно обвинителство е услов за датум во октомври.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот