Презентерката не доби „агреман“ од јавноста, МНР ретерира?

Фото: Принтскрин

РС Македонија во моментов има генерален конзул во Њујорк, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера и кој е избран во согласност со сите законски прописи. Во моментов тој е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена, соопшти МНР.

Веста дека 28-годишната телевизиска презентерка Бесмира Ејупи е предложена за нов генерален конзул на РС Македонија во Њујорк – САД, предизвика лавина реакции, негодувања, па дури и потсмев во јавноста, а МНР излезе со демант дека такво нешто се случило.

„Со оглед дека станува збор за информации од доверлив карактер, дозволете да информираме дека РС Македонија во моментов има генерален конзул во Њујорк, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера и кој е избран во согласност со сите законски прописи. Во моментов тој е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена“, соопшти МНР.

Дипломатите сметаат дека ваквото ретерирање на МНР е резултат на многубројните негативни реакции во јавноста. Реакциите се однесуваа главно за нејзината биографија, немањето дипломатско искуство, неисполнување критериуми за именување конзул и сл.

Освен за Ејупи, неодамна е донесена уште една контроверзна одлука за испраќање на Петри Муслиу за генерален конзул во Чикаго. Муслиу, инаку син на аналитичарот Алберт Муслиу, веќе неколку недели е во Чикаго во македонскиот конзулат, потврдиле дипломатски извори за порталот МКД. Ни Ејупи ни Муслиу не се дипломати од кариера, што досега, освен исклучоци, беше практика.

За експертите, ваквото именување е злоупотреба на недореченостите во Законот за надворешни работи. За дипломатите, пак, ваквите решенија само дополнително го уриваат угледот на државата во светот.

Енвер Саљихи, магистер по дипломатија, за „Слободен печат“ вели дека во овие случаи станува збор за класична злоупотреба на одредба од Законот за надворешни работи, која вели дека кандидатот треба „да има стекнато високо дипломатско звање, во случај кога кандидатот за амбасадор е од составот на дипломатско-конзуларните службеници, односно да биде афирмирана личност од областа на надворешната политика и меѓународните односи“.

– Оваа одредба не дообјаснува која личност може да се смета за „афирмирана личност од меѓународната политика“, а гледаме дека се нудат и се избираат кандидати што воопшто немаат допирни точки со меѓународните односи и политики. Состојбата во која се наоѓа македонската дипломатија налага потреба од темелни, структурални реформи, кои ќе овозможат ставање на овој витален државен орган во целосна функција на државните интереси, а не во интерес на одделни лица, кои имаат свои лични интереси да станат дипломати и тука завршува нивниот сон и ангажман – вели Саљихи.

По многу реакции, кружеше и информација дека Ејупи била предлог од партијата Алтернатива на Африм Гаши, што категорично беше демантирано од оваа партија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот