Премиерата на претставата „Фирма“ ќе го отвори фестивалот РУТА во Драмски театар Скопје

Постер за претставата „Фирма“

Со премиерната изведба на претставата „Фирма“ во режија на Нела Витошевиќ, поставена на текст на Роланд Шимелфенинг, на 3 октомври ќе биде отворен фестивалот на Регионалната унија на театри (РУТА) во Драмски театар Скопје.

Драмскиот театар по вторпат ќе биде домаќин на фестивалот на Регионалната унија на театри (РУТА) во Скопје. Фестивалот ќе се одржи од 3 до 8 октомври и пред македонската публика ќе ги донесе најзначајните претстави направени во копродукција на повеќе театри и режисери од целиот регион.

Членови на Регионалната унија на театри се Београдско драмско позориште, „Камерни театар 55“ од Сараево, Театар „Улисис“ од Загреб, Местно гледалишче од Љубљана, Градско позориште Подгорица и Драмски театар Скопје.

Домаќинот одлучи фестивалот да биде отворен со премиера на својата најнова театарска продукција. Станува збор за претставата „Фирма“ во режија на Нела Витошевиќ, поставена на текст на Роланд Шимелфенинг. Режисерката Нела Витошевиќ ликовите од овој современ и актуелен текст им ги додели на актерската екипа Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ.

Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Роза Трајческа-Ристовска, а изборот на музиката е на Нела Витошевиќ. Во најавата за новата претстава режисерката посочува дека Роланд Шимелфениг е еден од најплодните, најуспешни и најпреведувани германски автори.

– Во текстот „Фирма“ (Push Up 1-3) авторот храбро прави вивисекција на капиталистичкото општество и последиците што доаѓаат како резултат од така поставениот систем. Тој во преден план ја истакнува бескрупулозната борба на индивидуата која се стреми да се искачи на врвот на хиерархиската пирамида, како и проблемот на осаменоста и отуѓеноста, кои се рефлексија на таквото капиталистичко уредување. Целото дејство во претставата се случува во ИТ-корпорација. Во тоа „застрашувачко“ опкружување карактерите се натпреваруваат меѓусебно за повисока позиција во фирмата. Механизмите да се стигне до врвот се бескрупулозни, карактерите се служат со вербална манипулација и лицемерие за да го зграбат она што го посакуваат. Посветени да ги добијат овие битки, тие остануваат без социјален живот, затворени во нивните големи празни станови, асоцијативни за нивната духовна и социјална празнина – објаснува Витошевиќ.

Според замислата на режисерката, публиката ќе ја гледа претставата на самата сцена, а актерите ќе играат пред неа како во боксерски ринг. Со тоа ќе се истакне психолошкиот момент во драмата, чија основна порака е дека станува збор за социјално-хендикепирани ликови кои во меѓусебната борба за успех во кариерата заборавиле на една од најважните работи во животот, каква што е љубовта.

По свеченото отворање на фестивалот, на 4 октомври (среда), македонската публика ќе може да го проследи „Декамерон“ на Градско позориште Подгорица во копродукција со Народно позориште Ниш. Претставата е во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски.

Претставата „Нора“ на Местно гледалишче Љубљана, Словенија, на сцената на Драмски театар ќе гостува на 5 октомври (четврток). Режијата на претставата е на македонската режисерка Нела Витошевиќ.

На програмата на четвртиот фестивалски ден, на 6 октомври (петок), е претставата „Син“ на „Камерни театар 55“ од Сараево. Режијата е на Дино Мустафиќ, кој го постави текстот на Флоријан Зелер.

Београдско драмско позориште пред нашата публика на 7 октомври (сабота) ќе ја изведе претставата „Самрак на боговите“ во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.

Со претставата „Отело“ на Театар „Улисис“ од Хрватска на 8 октомври ќе заврши второто издание на РУТА, каде домаќин е Драмски театар Скопје, а 16-то издание на фестивалот РУТА во регионалните рамки. Режијата на претставата „Отело“ ѝ е доверена на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите, освен на актерите на „Улисис“, е направена и со членови на „Сараевски ратни театар“ од Сараево.

Претставата „Фирма“ на редовниот репертоар на Драмски театар ќе може да се види по завршувањето на фестивалот РУТА, односно на 13 и 14 октомври.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 198, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.09-01.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот