Премиера во МНТ: Текстот „Сите сме птици“ носи возбудлив актерски предизвик

Фотографија: Кире Галевски

На сцената на Македонскиот народен театар на 17 декември премиерно ќе биде изведена претставата „Сите сме птици“, работена по текстот на либанско-канадскиот автор Важди Муавад, а во режија на Слободан Унковски.

Додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знаат за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим, младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата девојка Вахида (Американка со арапско потекло) е оставена да ја открие неговата семејна тајна…

Тоа е основата на текстот на современиот автор од либанско-канадско потекло Важди Муавад, по кој е поставена претставата „Сите сме птици“ во режија на Слободан Унковски. Станува збор за „моќна современа драма, која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме“, посочуваат од МНТ.

Во претставата игра одлична актерска екипа во состав: Дамјан Цветановски – Еитан, Сара Климоска – Вахида, Тина Трпкоска – Еден, Звездана Ангеловска – Леа, Николина Кујача – Нора, Емил Рубен – Етгар, Никола Ристановски – Давид, Петре Арсовски – Вазан, Сашка Димитровска – Болничарка, Драгана Костадиновска – Лекарка.

Авторот на текстот Важди Муавад (1968, Либан) е писател, актер и режисер, кој живее и работи во Париз. Драматургот Јелена Мијовиќ за „Сите сме птици“ посочува дека е тешко е да се опфати оваа драма, тешко е да се запре, макар и за миг, за да се дефинира, да се формулира и да се ограничи со зборови. Оттаму, при средбата со актерката Звездана Ангеловска пред премиерата побаравме дефиниција на текстот од нејзината актерска позиција.

– Уште при првото читање на текстот видов дека станува збор за исклучителен автор, кој знае како репликите да ги внесе во говорот на актерот. Наспроти моето првично воодушевување од текстот, сега видов колку е тешко тоа да се изведе на сцената. Сите ликови имаат долги монолози, а текстот е напишан како филмско сценарио. Приказната е многу интересна, бидејќи во неа се внесени многу спротивставености во денешниот свет. Станува збор за, условно кажано, голема „забранета љубов“ помеѓу девојка со арапско потекло и еден Евреин, чие семејство не ја одобрува таквата љубов. Но, толку добро е направен сплетот на околностите, бидејќи се дознава дека ниту тие не се вистински Евреи. Судбината така ги сплела конците за да ни ја покаже вистината во оној момент кога ја живееме најголемата заблуда и тоа е најсилниот шамар за самата личност. Текстот е многу поучен во ова време, кога треба да ги прошируваме хоризонтите на апсолутното мислење и на сите предрасуди, догми, правди и вистини во кои веруваме – рече Звездана Ангеловска за „Културен печат“.

Станува збор за моќна современа драма, која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства / Фотографија: Кире Галевски

Во процесот на подготвување на претставата, актерите биле водени од сигурната педагошка рака на режисерот Слободан Унковски, но на секој од нив им била оставена слобода во креацијата на ликот за да можат и самите да ја почувствуваат креативната радост.

– Ретко кога во животот сум имала можност да играм толку различна улога, или карактер, од она што сум во приватниот живот, или барем како што самата јас се доживувам. Ништо не било толку поразлично од една Германка со еврејско потекло, психијатар од Берлин. Со таков лик имам многу малку заеднички точки и ова за мене значеше многу работа за да се стигне до посакуваната цел, од почеток до крај и за време на тричасовната изведба на претставата. Во однос на работата со режисерот, Унковски ја има својата метода со која ги пушта актерите слободно да истражуваат во тоа што сме го договориле на почетокот од процесот – објасни актерката Николина Кујача.

Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска, а драматург е Јелена Мијовиќ. Сценографијата на претставата е на Бранко Хојник, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а композитор на музиката е Ирена Поповиќ-Драговиќ. Премиерата ќе се одржи на 17 декември, а следните изведби на претставата се закажани на 20 и 21 декември.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 159, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот