Претставници на авганистанските власти и талибанците се состанаа денеска во Москва во присуство на странски пратеници, како дел од преговорите за формирање преодна влада пред евентуалното повлекување на американските сили од Авганистан.
Средбата се одржа бидејќи се прават дополнителни напори за постигнување мировен договор во Авганистан пред 1 мај, кога Соединетите Американски Држави треба да ги повлечат своите сили од земјата.
Вашингтон им предложи на авганистанските страни формирање преодна влада во која би имало претставници на талибанците.
Москва ја поддржува идејата, иако Кабул засега е воздржан.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по средбите со делегациите на двете страни и странските пратеници изјави дека САД и талибанците треба да останат посветени на спроведувањето на договорот склучен во 2020 година во Катар.
Договорот предвидува повлекување на американските трупи до 1 мај 2021 година, во замена за безбедносни гаранции и обврска на талибанците да преговараат со Кабул.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера рече дека е малку веројатно дека САД ќе можат да го испочитуваат крајниот рок и да се повлечат до 1 мај.
Талибанците веднаш реагираа и предупредија дека не треба да има одложувања, додека во Авганистан во последните месеци расте насилството.
Видео на денот