Преговори со ЕУ: Голем ден за Македонија

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Денес, дефинитивно, нам ни се отворија вратите на оваа сјајна наднационална организација, која ги обединува европските народи, за така обединети да се соочат со предизвиците на своето живеење.

Велат дека кога на човек му е загрозено здравјето, преку ноќ му се менува скалата на вредности. Соочен со болеста, она што до вчера било важно станува помалку важно или неважно. Така е и со човечките колективитети наречени држави. Веста за одлуката за почеток на преговори со Европската Унија нè затекна среде епидемија кон која е сосредоточено сето наше внимание.

Но, ова е голем ден, не само за нашата држава, туку и за Европа. Европа, имено, продолжува со својот мировен план на Балканот, давајќи ѝ нова енергија на европската идеја.

Денес, дефинитивно, нам ни се отворија вратите на оваа сјајна наднационална организација, која ги обединува европските народи, за така обединети да се соочат со предизвиците на своето живеење. Појавата на епидемијата на коронавирусот покажа колку е важен заедничкиот напор на државите, соочени со предизвиците на новиот милениум: болестите, порастот на населението, екологијата.

Покажа дека ниту една држава, независно од тоа колку е моќна, не е во состојба да им се спротивстави на овие предизвици. Неподготвени за подобро решение, првата реакција на државите беше да се затворат во своите граници, но поуката за во иднина треба да ја бараме во спротивната насока.

Битката за нашата иднина е на една поинаква граница која ја запоставивме: границата помеѓу човештвото и опасностите кои го демнат. Мораме упорно да работиме на изградба на свет на мир, соработка, солидарност, потака од националните граници.

Членството во Европската Унија е нашиот прв чекор кон тој свет на иднината. Патот до полноправно членство треба храбро и одговорно да го изодиме. И во овие моменти на грижа за нашето здравје да црпиме сила од нашата заедничка европска идеја од која не се откажуваме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот