Предлог-законите за средно и за стручно образование поминаа во прво читање на собраниската Комисија

Училница / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Предлог-законите за средно образование и за стручно образование и обука денеска поминаа во прво читање на седница на собраниската Комисија за образование, наука и спорт. Поддршка добија од сите членови на матичната комисија, а на иницијатива на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, по двата предлога ќе бидат организирани јавни расправа пред да се проследат во второ читање.

Тие сметаат дека се работи за сериозни закони и за да се избегне избрзаност и да се слушнат сите засегнати страни, треба да има јавна расправа од која заклучоците ќе помогнат да се креираат амандмани за наредната фаза од нивното носење.

Претседателката на Комисијата, Жаклина Лазаревска, рече дека јавни расправи ќе бидат закажани веројатно на почетокот на март за да постигнат двете законски решенија да бидат изгласани пред распуштање на Собранието заради претстојните избори.

На иницијатива на Министерството за образование и наука, двата предлог-закона беа усвоени на седница на Владата на 16 јануари, а министерот Јетон Шаќири тогаш повика да бидат што поскоро донесени во интерес на унапредување на образовниот систем во државата и подигнување на квалитетот на воспитно-образовниот процес со оглед на тоа што актуелните закони се од 1995 односно од 2007 година.

Шаќири денеска на комисиската седница образложи дека новиот Закон за средно образование ќе овозможи развој на клучните компетенции и вештини кај младите, со особен фокус на дигиталните, неопходни за понатамошното образование и успешно вработување. Првпат се воведува и кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, како и ученичко организирање и учество во носење одлуки.

Со новиот Закон за стручно образование и обука, пак, се регулира концептот на дуално образование. Законот го зголемува обемот на практично образование во средните стручни училишта, односно фокусот е повеќе кон стекнување практични и применливи вештини преку учење директно на работно место во компаниите за сметка на намалување на теоретската настава. Реформата на стручното образование и обука е тесно поврзана со промените на пазарот на трудот и потребата за модел на стручно образование и обука насочен кон создавање човечки ресурси за потребите на пазарот на трудот, преку вработување или самовработување. Новина е и воведувањето стручна матура и влезен академски испит.

На иницијативата од пратениците да има јавна расправа пред да се оди во натамошна фаза, Шаќири рече дека со согласува со сè што позитивно ќе придонесе за подобар закон иако на двата закона, рече МОН работело внимателно.

– Повеќе од 15 месеци МОН работи на овие законски решенија што им се доставени на пратениците. Беа повикани сите директори од средните училишта од сите општини, им беше претставен предлогот и имаше фидбек со нивни мислења. Дискусијата продолжи со сите синдикати, како и со Сојузот на средношколци, јавни високообразовни институции и оние што се поврзани со овие закони – Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука. Во тие 15 месеци се работеше со сите засегнати страни, но позитивен придонес е и јавна расправа и сè што е добро за овие закони, без разлика од кого се предлага, рече Шаќири.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека јавната расправа треба да биде со сите засегнати страни и да не биде „како јавната расправа за Концепцијата на Мила Царовска“ од која немало извештај и заклучоци и која направила „сериозни удари врз образованието“.

Според пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците, тешки се тестовите по Математика на државната матура и смета дека треба нешто да се смени во завршниот испит затоа што масовно се препишува, а таков начин на полагање, рече, е неприфатлив зашто ги деградира учениците.

Министерот Шаќири одговори дека од ДИЦ побарал годинашната државна матура да се полага во големи простори, онаму каде што има услови тоа да бидат спортски центри, и дека ДИЦ ги прави подготовките.

Во однос на стручно образование беше посочено дека во изминатите четири години има подем во запишувањето во стручните училишта и дека профилите се регулирани според потребите на пазарот на трудот и во соработка со компаниите и општините и преку кампањата на МОН „Учи паметно, работи стручно“. За трендот сведочи и бројот на отворени дуални паралелки – од 11 пред четири години сега се 592 со речиси 7000 ученици.

Пратеничката Санела Шкријељ од СДСМ посочи дека и Европската комисија во извештаите го пофалува развојот на стручното образование кое се почесто го избираат и одлични ученици односно дека веќе се надминува предрасудата дека таму се запишуваат ученици со послаб успех.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот