Православните христијани го слават Бадник

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Одбележувањето на Бадник традиционално ќе се одржи пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

Кум на годинашното одбележување е Божидар Јанковски, сопственик на „Дајнерс“, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2024, а здравичар е актерот Атанас Тановски, кој на платото пред Соборниот храм ќе ја каже здравицата во пресрет на Божик.

Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кум и здравичар порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Под слоганот „Почувствувај радост“ и оваа година во повеќе градови низ земјава ќе се одржат Бадниковите поворки. Во Скопје празнувањето на Бадник почнува утринава на плоштадот „Македонија“, а ќе се одбележи и во останатите градови и населени места во државата.

Во 11 часот на плоштадот ќе биде доделена Златна ѕвезда за секое дете кое ќе учествува, а потоа ќе се одржи златен концерт со Златните славејчиња и македонски поп-ѕвезди.
По краткиот концерт, учесниците ќе ја оформат најголемата бадникова поворка и преку Камениот мост ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски” каде што традиционално сите коледарчиња ќе бидат пречекани и дарувани од Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Истовремено, бадникови поворки ќе се одржат и во останатите градови и населени места во државата.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Семејството на Бадник се собира на заедничка посна трпеза и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Во сите храмови утрото по Бадник се служи празнична Божикна литургија.

Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот