Потенцијалот на Европското ракометно првенство за жени

Силвија Митевска

Во Словенија истиот настан доби сосем друга димензија, со креирање сеопфатна стратегија што само ја надгради натпреварувачката игра на теренот.

Европското сениорско првенство во ракомет за жени е еден од најважните спортски настани што некогаш сме ги организирале во нашата држава. На наше големо задоволство, на нашиот „паркет“ заиграа најдобрите женски репрезентации од Европа, привлекувајќи големо меѓународно внимание како на екраните така и во салата „Борис Трајковски“.
Но, настрана спортските резултати, кои секако дека ни беа драги и значајни, ваков тип спортски меганастани што немаме многу можности да ги организираме во нашите скромни спортски центри, претставуваат одлична можност да ги афирмираме и да ги зајакнеме и нашите други приоритети и цели што придонесуваат за развој на општеството.
Секој голем спортски настан, освен играта на терен, претставува и солидна платформа преку која се пренесуваат значајни пораки и вредности во кои веруваме. Спортот игра важна улога во нашиот секојдневен живот и е глобален и популарен феномен со огромен потенцијал за комуникација и за споделување позитивни општествени пораки.
Сè почесто државите и спортските организации почнаа да го препознаваат потенцијалот за користење големи настани што ќе помогнат да се постигнат некои од нивните цели – туризмот, економски развој или градењето физички активна и здрава нација. Доволно е да се угледаме на добрите практики од соседството – во Словенија каде што истиот настан доби сосем друга димензија, со креирање сеопфатна стратегија што само ја надгради натпреварувачката игра на теренот. Словенците оваа година одлучија европското сениорско првенство да биде причина за системски промени и за подигнување на свеста за промовирање промени во однесувањето на поединци и организации во насока на одржлив развој. Овој настан носеше два главни предзнака – одржливост кон позитивни климатски промени и родова еднаквост, односно поддршка на жените во спортот. Значи, првенството не е изолирано и фокусирано само на натпреварувачкиот дел, туку тие се погрижија да организираат настан од кој добробит ќе има целото општество.
Во акцискиот план за организација на овој настан има вклучено точно сто директни препораки со многу опипливи резултати. Дел од нив се однесуваат и на целта да го искористат овој настан за да промовираат ракомет кај женската популација, односно да го зголемат уписот на девојчиња во ракометните клубови низ Словенија за 30 отсто повеќе во однос на претходната година. За да го постигнат тоа, велат дека во соработка со ракометните клубови ќе промовираат бесплатен упис во септември и во октомври во женските ракометни екипи во Словенија за девојчиња. Понатаму, во соработка со Градот Љубљана, ќе организираат посебен настан фокусиран на поддршка на жените во спортот и општеството како и уште 98 обврзувачки цели што го придружуваат Европското првенство во ракомет за жени.
Слоганот на ова првенство е „Играј со срце“, а богами и словенечката организација на настанот на одржлив начин исто така е внимателна, детална и стратегиски планирана и изведена – со срце.
Цитирајќи го познатиот слоган на Нелсон Мандела – „Спортот има моќ да го промени светот, да инспирира и да ги обединува луѓето на начин на кој многу малку може нешто друго“, би дополнила дека таа моќ не е подарена и може да се манифестира само кога спортските менаџери ќе разберат како правилно да се искористи спортот или спортскиот настан, пред сè, за да се постигнат целите поврзани со спортот.
Дали и ние го искористивме потенцијалот што со себе го носи Европското сениорско првенство во ракомет за жени? Или, уште поважно, кое е наследството од одржаниот настан во нашата држава?

Авторката е активистка

Видео на денот