Почна расправата во бугарското Народно собрание за кревање на ветото за РСМ

Седница на Народното собрание на Бугарија/Фото: Скриншот/БНТ1

Под овој наслов денеска бугарската национална телевизија објави дека по два дена неуспешни редовни собраниски седници поради немање кворум, утрово во Народното собрание се пријавија доволен број пратеници и почна седницата на која прва точка на дневен ред  е предлогот за Северна Македонија.

Практично, бугарскиот парламент може да му даде мандат на Министерскиот Совет да ја одобри преговарачката рамка предложена од француското претседателство и да го укине ветото на PCM, посочува БНТ.

Условите за поддршка во предлогот на Демократска Бугарија се: ефикасно спроведување на договорот за соседство, гарантирање на правата на Бугарите во РСМ со нивно рамноправно вметнување со другите народи во Уставот, ништо во пристапниот процес не може да се толкува како признавање на постоењето на македонскиот јазик и европски гаранции за исполнување на условите на Бугарија.

На вчерашната седница на Комисијата за надворешна политика „Препродба“ и „Има таков народ“ гласаа „против“ предлог-одлуката, додека БСП беше воздржана. Пред да се сложат за предлогот на ДС, пратениците ги разгледаа и предлог-одлуките на ГЕРБ и ДПС.

Бугарскиот премиерот во оставка Кирил Петков доцна синоќа во Брисел коментираше дека не очекува Народното собрание денеска да донесе конечна одлука за францускиот предлог.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски вчера по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел го отфрли францускиот предлог кој го понуди Париз за надминување на спорот со Бугарија.

– Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат во ваква форма, каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Северна Македонија, изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама.

Тој ги повтори клучните елементи под кои би бил прифатлив предлогот – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот и цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека Софија нема да условува со нови барања надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол, кој се уште не е усогласен со бугарската страна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот