Македонскиот премиер по самитот ЕУ-Западен Балкан: Во оваа форма, францускиот предлог за нас е неприфатлив!

Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски во Брисел / EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Македонија во Брисел го одби францускиот предлог за кревање на бугарското вето. Премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на самитот ЕУ-Западен Балкан, вчера во Брисел рече дека предлогот во ваква форма каква што е во моментот е неприфатлив за него, за претседателот, Владата, коалицијата и за граѓаните на Македонија. Тој порача дека, ако во текот на француското претседателство со Унијата се постигне разбирање за нашите позиции, македонската страна е  подготвена да се вклучиме во разговорите, за да почнат преговорите за членство во ЕУ до крајот на јуни.

– Граѓаните да бидат спокојни, ние во прв план ги имаме стратегиските интереси и цели. Никој не може без наша согласност да наметне какво било решение. Ние направивме сè што е во наша можност, сега ЕУ е на потег. Во меѓувреме, Македонија, Србија и Албанија активно и практично ќе ги имплементираат четирите слободи на кои почива Унијата, ќе ги европеизираме општествата и ќе го подобриме квалитетот на животот преку иницијативата Отворен Балкан. Тоа не е замена за ЕУ, но е контекстот кој е потребен да се приклучиме кон ЕУ додека чекаме кредибилни, предвидливи и забрзани евроинтеграциски процеси – рече Ковачевски на заедничка прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и со албанскиот премиер Еди Рама.

Беше најавено дека на истата прес-конференција ќе присуствуваат и францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, но европските политичари го откажаа присуството.

И ние сакаме во ЕУ да влеземе горди

Премиерот Ковачевски додаде и дека сите 27 нации што досега ѝ се приклучија на Унијата, тоа го сториле гордо и добиле целосна почит за своите и за туѓите различности и ништо идентитетско не им било проблематизирано.

– Ние го посакуваме истото и за нас, ништо повеќе и ништо помалку. Почит за лингвистичкиот, културниот и историскиот идентитет на мојот народ. Да се приклучиме кон Унијата гордо, заедно со сите народи, секако, исполнувајќи ги сите критериуми за членство – рече Ковачевски.

Тој ја поздрави иницијатива на Макрон за формирање Европска политичка заедница како платформа за стратегиски дијалог, но нагласи дека таа не е замена за полноправно членство.

Премиерот во своето обраќање ги повтори условите на македонската страна за да го прифати францускиот предлог како преговарачка рамка, кои ги објави и на Фејсбук еден ден пред да замине во Брисел. Тоа се: чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања да не бидат критериуми во преговарачката рамка, а преговорите помеѓу Македонија и ЕУ да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и на Црногорците во Преамбулата на Уставот. Македонската страна бара и цврсти гаранции од Бугарија и од ЕУ дека Софија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и во билатералниот протокол што сѐ уште не е усогласен со Бугарија, а секое  решение ќе биде консултирано со македонските институции.

Ковачевски не сакаше да го коментира твитот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи, кој напиша дека ЕУ „многу сериозно ги сфаќа сите бугарски грижи и тие сега се дел од преговарачкиот процес“ и додаде дека Западен Балкан треба да биде дел од ЕУ зашто заедно ќе бидеме посилни.

Бугарија сега не сака таа да е кочничарот

По самитот на европските лидери со Западен Балкан вчера во Брисел почна и дводневниот самит на Советот на ЕУ, на кој е извесно дека бугарското вето ќе остане, не само поради одбивањето на Ковачевски, туку и поради блокирачот Бугарија, каде што документите за укинување на ветото останаа неусвоени од Собранието, а пратениците завчера вечер му изгласаа недоверба на премиерот Кирил Петков.

Негативниот исход од самитот на Унијата со Западен Балкан вчераутро прв го најави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, кој изјави дека „денеска не е добар ден, бидејќи требаше да го започнеме пристапниот процес со две земји, но не можеме, затоа што една држава го блокира целиот процес на проширување“. Во име на Бугарија тоа го стори премиерот во оставка Кирил Петков, кој пред состанокот рече дека нема изгледи за укинување на ветото во овие два дена додека трае Советот на ЕУ затоа што зеленото светло во бугарскиот парламент треба да биде одржливо решение, без разлика кој е на власт. Тој рече дека му се допаѓа францускиот предлог, но за него мора да одлучи парламентот и го повика претседателот Румен Радев да свика седница на Советот за безбедност за да усогласат став за Македонија.

– Ако си претседател, на самото место се јавуваш во Советот, во служби, партии, седнуваме, дискутираме и излегуваме. Паднаа маските, се изморив од кукавици – рече Петков.

Вчера во Бугарија имаше обиди во Народното собрание набрзина да се протурка францускиот предлог и документите поврзани со него, со цел евентуално утре на вонредна пленарна седница пратениците да го прифатат францускиот предлог, па премиерот Петков во Брисел да го крене ветото уште за време на самитот.

Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов повика итно да се свика пленарна седница, а да се прескокне одлучувањето во Комисијата за надворешна политика.

– Вчера во ГЕРБ решивме да дадеме зелено светло на темата Северна Македонија. Очекувавме ова да влезе во пленарната сала без игри и финти. Тоа ќе доведе до посилен Западен Балкан – рече Борисов.

Тој додаде дека во документите има работи што треба да се разјаснат, но идните генерации ќе знаат дека Бугарија не е причината за суспензијата на Македонија и Албанија во ЕУ.

Претседателот Румен Радев, пак, деновиве исто така го поддржа францускиот предлог како прифатлив за Бугарија, но рече дека за неговото прифаќање прво треба да одлучи Владата, а потоа таа одлука да ја потврди Собранието, оти таков е редот, а Петков постапката ја води обратно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот