Побрзајте со формирањето влада, економијата не трпи импровизации

Прогнозата на Европската комисија за траекторијата на македонската економија до крајот на годината е – преживување. Ова и не е зачудувачки, ако се погледнат тазе лиферуваните бројки за растот на БДП на земјите од регионот, плус Турција, според кои Македонија и Албанија немаат никаков развој во тримесечјето што се совпадна со пандемијата. Нашиот западен сосед за април, мај и јуни има негатива од 2,5 отсто, а Македонија има незабележителен раст од само 0,2 проценти. Ако сме стагнирале во првиот квартал, тогаш е јасно дека најголемиот удар ќе се почувствува во вториот квартал, а тоа значи „одржување на мускули“ – без раст и развој. Ваквите перспективи не се оптимистички за земја во којашто тукушто завршија изборите и која до формирањето на новата извршна власт ќе треба да помине низ тешки и мачни преговори. Како и да е, кој и да ја формира идната влада, ќе треба на стратешките економски позиции да стави мудри луѓе од практиката. Оти тие министри, можеби, ќе се најдат во позиција да носат и крајно непопуларни, па дури и сурови мерки, кога ќе треба на кантар да се стави кому да му се помага – на реалниот или на административниот сектор?

Корона-кризата ги погаѓа сите, ама не еднакво. Помалку боли кога сте земја со висока продуктивност, ниска невработеност и стабилни институции. Во нашиот случај, кревката економска стабилност застана на стаклени нозе уште со првиот здравствен бран. Се разбира, веќе се знаеше дека ова ќе биде изборна година, а пазарот во такви услови секогаш реагира со воздржување од каква било активност. Tоа предизвика пад на побарувачката, која дефинитивно влијаеше врз економските ефекти. Не дека не се преземаа мерки, но тие само ги ублажуваа и ги одложуваа последиците, што секако ќе се види во вториот квартал од годината. Засега сите мудро молчат и се воздржуваат од какви било црни сценарија, кои подразбираат дека ќе нема пари за плати и пензии, дека ќе недостигаат стотици милиони евра во државниот буџет. Добар дел од граѓаните се дома, транспортот е преполовен, не се движиме, а не ги плаќаме и кредитите. И додека менаџерите се трудат да направат каква-таква зделка, секојдневно се појавуваат нови кластери по производствените капацитети, што им се возвраќа како домино. Продуктивноста се намалува, веќе нема „трикови од ракавот“ – неликвидноста тропа на врата. Меѓусебните плаќања се влошуваат, долговите за кирии, плати, даноци се трупаат. Кратења се случуваат, засега тивко, и од секаде каде што може. Наместо две смени, се работи во една, наместо десет луѓе, сега може да се заврши работа и со пет… И сето тоа под плаштот на минималната плата, оти и платежните картички, кои државата така великодушно ги подели, нема да траат вечно.

Дали нешто ќе се сменеше ако се прифатеше предлогот за намалување на платите во јавниот сектор на минималното ниво од 14.500 денари? По неколку месеци, малкумина се сеќаваат на предупредувањата на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој рече дека „не е прашање колку ќе се скратат платите на јавниот сектор, туку дали ќе има пари воопшто да се исплатат“. На крајот на март, никој со сигурност не можеше да каже колку ќе трае и каков интензитет ќе добие пандемијата. Ни политичарите, но ни економистите не сакаа да прогнозираат дали ќе може од оваа индуцирана рецесија да се вратиме во нормала. Да зависеше тоа само од нас, сигурно ќе ни беше полесно. Но, за жал, повеќе од 80 отсто од македонската индустрија работи за извоз. А светот се промени во изминатите неколку месеци. Стана посебичен и попретпазлив. Последниот знак се преговорите за износот на финансиската помош за справување со економските последици од глобалната пандемија. Дел од земјите членки на ЕУ, го бранат ставот дека предложениот пакет од 750 милијарди евра е премногу голем и инсистираат средствата да бидат во вид на заеми, а не како грантови.

По сето ова, јасно е зошто идниот економски тим на Владата ќе треба да биде составен од одлични експерти, кои ќе треба да носат прагматични одлуки. Она што на економијата ѝ е потребно за да ги преброди претстојните два месеца е ликвидност и отворање нови извозни канали. Засега нема индиции дека трговијата, транспортот, угостителството, туризмот и градежништвото ќе се стабилизираат. За нив оваа година е загубена, а тоа се забележува и кај даночните приходи. Експертите одамна предупредуваат дека буџетот не е непресушен извор на пари. За жал, политиката тоа не љуби да го слуша.

Понеповолното сценарио за Македонија е ако кризата продолжи и во третиот квартал. Во тој случај, заздравувањето би започнало во четвртиот, а целосната стабилизација и раст во 2021 година. Најлошото сценарио, според Министерството за финансии, би било ако пандемијата со коронавирусот трае до крајот на годината. Тоа би значело дека заздравувањето би почнало на крајот на 2020 или почеток на 2021 година, а состојбата со наплатата на приходите во вториот квартал, веројатно би се повторила во третиот и во четвртиот квартал. Затоа е неопходно кратење на сите расходи што може да бидат скратени. Рецесијата која според многу економисти е веќе факт, а не само прогноза за економијата годинава, значи дека најмалку два последовни квартали ќе има пад на економската активност.

Виенскиот економски институт којшто е специјализиран за регионот на Југоисточна Европа, прв ги објави своите проценки за македонската економија според кои растот годинава ќе изнесува само 1,7 проценти, наспроти првичната прогноза за раст од 3,3 проценти. Овие проценки се направени до крајот на февруари. Првичната прогноза за растот на македонската економија годинава, направена во период кога никој не ни помислуваше дека ќе се случи ваква здравствена криза, беше 3,8 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот