По патот на ВМРО кон амбисот

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Мислам дека има морален долг кон оваа нација Владо Поповски, како најдобар експерт и познавач на македонската модерна историја да излезе и отворено да каже дека првото име на организацијата е „Бугаро-македоно-одрински револуционерни комитети“ и дека според Уставот од 1896 година, на кој „уставотворци“ биле големите Македонци Гоце Делчев и Ѓорче Петров, еден од првите членови гласел „во организацијата може да членува секој Бугарин од територијата на Македонија“.

Сметам дека е крајно време, пред крајот на својот полнотворен и научно исполнет живот, поранешниот министер речиси во сите македонски влади, уставотворецот, еден од креаторите на Охридскиот рамковен договор и поранешниот универзитетски професор по историја на Правниот факултет во Скопје, Владо Поповски, да излезе и во еден вид „мемоари“ да ја презентира вистинската, реална, објективизирана, без митологизации, фантазмагории и без емоционална пристрасност, историја на Македонија од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, особено таа за создавањето, улогата, својството, ликовите и настаните од нашата славна организација со кодно име на четирите свети букви ВМРО, во сите нејзини деноминации и варијации низ историските премрежја што ги споделувале дејците од веројатно првата модерна терористичка организација во светот (З. Илиевски, професор на Правен факултет, тогашен асистент на македонскиот цар Хорхе Први Паљурски).

Да не се разбереме погрешно, драги мои, јас на мојот поранешен професор, кој ми предаваше современа европска и македонска историја, му посакувам уште долги години да е жив и здрав, но едноставно не можам веќе да поднесам секоја полуписмена будала, џукела, секој скот, идиот и олигофрен, кој добил пет минути „медиумска“ слава, да се прави компетентен историчар, особено на темата за ВМРО и да ја искривоколчува до степен на бизарна шизофренија. За постапките и за „политиката“ на партијата наследничка на оваа историска организација не треба да се трошат зборови: доволно ќе беше да беа живи Иван Михајлов и Тодор Александров и со свои очи да го гледаа тоа што го прави партијата наследник на нивната организација (чествување на Зебрњак и на Брегалничката битка со српски знамиња), па ќе гледавме крв до колена и отсечени глави во Отиња и Пчиња од „братоубиствените пресметки“ по македонските градови и села. Во буквална смисла на зборот, не во преносна. Нејсе.

Крајно време е да се каже вистината за „долгата рака“!

Мислам дека Владо Поповски има морален долг кон оваа нација, како најдобар експерт и познавач на македонската модерна историја, да излезе и отворено да каже дека првото име на организацијата е „Бугаро-македоно-одрински револуционерни комитети“ и дека според Уставот од 1896 година, на кој „уставотворци “ биле големите Македонци Гоце Делчев и Ѓорче Петров, еден од првите членови гласел „во организацијата може да членува секој Бугарин од територијата на Македонија“.

Па оттука, од почеток што се вели, да го одгатне Владата замрсеното клопче на македонската комплексна историја и да и објасни на денешната раја и маса дека во тогашните историски конјуктурни конотации зборот и поименувањето на зборот Македонец имало значение на роднокрајна, географска, културолошка смисла на речта, а не во етнонационален дискурс. Првите такви сериозни обиди и опити за такво дефинирање и диференцирање прави „таткото на македонската нација“, Крсте Петков Мисирков во неговата книга „За македонцките работи“, камен-темелникот и пантеонот на македонството, кој е забранета и запленета, како ерес, токму од првенците на ВМРО поради промовирањето и пропагирањето на македонската нација, различна од таа на бугарската.

Понатаму, професор Поповски треба да објасни дека ВМРО како организација формирана во 1893 година е наменски создадена од бугарските највисоки политички кругови (премиерот Стефан Стамболов и од министерот за надворешни работи Константин Стоилов), како тајна организација што има задача да работи на создавање автономија за Македонија по примерот на Источна Румелија и потоа на присоединување кон матицата мајка Бугарија, како и за исправување на одредбите од Берлинскиот конгрес, со кој Санстефанска Бугарија беше разделена на повеќе делови. Лозунгот „Независна Македонија“ се појавува по завршувањето на Првата светска војна, кога веќе и на официјална Софија ѝ станува јасно дека великите сили под разно нема да дозволат реализација на санстефанскиот сон, па се оди на варијанта создавање „Швајцарија на Балканот“, независна македонска држава со рамноправност на сите народи и народности, од кои доминантен ќе биде бугарскиот.

Појавата на „Мајскиот манифест“, ВМРО (Обединета) во Виена и „македонизацијата“ на организацијата се јавува со комунистичката интернационализација на македонското прашање во Москва, кога единствено Коминтерната го третира македонското национално прашање од етнонационален ракурс и го признава правото на формирање одделна македонска нација во редот со преостанатите формирани на Балканот, во една поширока, рамноправна балканска федерација. И со внедрување и инфилтрирање агенти од НКВД сред организацијата. Секако поради свои интереси.

Заробени во духот на минатото!

Тоа е дами и господа. Историјата понатаму е повеќе или помалку позната до и по завршувањето на Втората светска војна, кога од виорот на истата се изнедривме како еден од шесте конституенти на новоформираната Титова СФР Југославија, на чии темели ја добивме, изградивме и денеска ја живееме (и секој ден ја уништуваме и упропастуваме) современата македонска држава. Сето ова го говорам и го пишувам спомнувајќи го професорот В. Поповски, бидејќи често пати знаел да биде многу објективен и реален и да ја кажува вистината без да калкулира по својот „патриотски рејтинг“, односно не глумел и не се преправал во лажен патриот.

Бидејќи веќе и не можам да ги гледам карикатуралните тетки-историчарки и универзитетски тетки од други факултети што за својата област се прават експертки и надмено не дозволуваат друг „да им се меша во штипките“, а кога станува збор за македонската (национална), модерна историја знаат да се прават и поголеми историчарки од Владо Поповски и од Стефан Дечев заедно. Да го прекинеме овој срам што трае со децении и конечно на македонскиот народ да му се презентира вистинската историја, колку и трауматично болна или емоционално неприфатлива да му изгледа во денешен ден. Сепак, секогаш треба да се соочиме со вистината, колку и да нè повредува таа. Само така може душевно да се помириме и духовно да се изградиме како нација и да зачекориме среќни, исполнети и реализирани кон иднината. Необременети веќе од минатото. Кое нè мачи и прогонува. Секој ден, повеќе од цел еден век!

(Авторот е политиколог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот