План за окупација на Македонија?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Залудни се и очекувањата дека изборите во Бугарија ќе донесат понапредна политика и подобрување на односите со старо-новата влада, бидејќи и другата постава ваквото барање не го остава?!

Времето никој не може да го запре, ниту да го врати наназад. Не може да прекине отчукувањето и одбројувањето на часовникот (ниту, пак, може да се активира оној што требаше да го пресметува враќањето на украдените пари)?! Не може тоа да се случи за да се повторат и проследат настаните од порано, за да се потврдат или негираат сторените работи, за да се отстранат проблемите и облагородат граѓаните! Но, што да се прави за нешто асолно да се направи ако нема живи сведоци за тоа што не може да се исправи, ако не се памети и земеното да се врати?! Не вреди ниту кажувањето за тоа некогаш што било дека не било и она што поминало дека во меморијата не останало?!

Единствено историјата ги бележи настаните и го мери времето. Таа учителка на животот (magistra vitae) нѐ учи и ни го покажува патот на животот и опстојот што трае! Бездруго не со притисоци, со викотници и „поклици“ на бугарските квазинаучници и историци за да се извртува, да се забошотува, премачкува и да не се почитува. Бре, бре, што и сторија на нашата историја?!

Туку, повторно да се вратиме на времето што таа го бележи и сведочи за минатото. За да се уверам во вистината ја отворив книгата „Литоста на зборот“ (Скопје, 2018) од Јордан Јорданов, која ме потсети на некои работи од пред дванаесет години и на сегашното вето од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ, кое уште тогаш (можеби и многу порано) било испланирано. „Во почетокот на февруари 2009 година, сегашниот премиер на Бугарија Бојко Борисов, во една пригода при посетата на САД изјавил дека (тој или неговото државно раководство) има план како политички и економски да ја вратат Македонија под бугарска контрола“. Вакви наративи користела и бугарската националистичка ВМРО на Каракачанов како предизборен маркетинг, кој сега е мошне засилен и олицетворен во овој бугарски министер за одбрана (и напад врз Македонија). Веројатно позицијата во Бугарија игра на истата карта за повторно да извојува победа на изборите и да го задржи кормилото на власта?!

Времето покажува дека поранешната затскриена цел  за „окупација“ на Македонија сега се открива преку мегафонот на Владата на Бугарија, Красимир Каракачанов, кој со закани и поставувања услови сака да стави рака врз нашата земја и да го закочи напредокот?! Со неговата „историска“ изјава дека ќе го испрати инженерискиот полк да ги избрише грдите спомени и сеќавања на теророт од бугарската фашистичка окупација, прави невиден преседан мислејќи дека со цвеќе и аплаузи ќе биде дочекан како „ослободител на бугарските хора“?!

Како се наближуваат изборите во Бугарија, се засилува реториката и барањето бугарски корени во Македонците станува сериозна закана?! Во меѓувреме, згасна надежта за симнување на ветото, иако има показатели за попуштање на напнатоста со технички поместувања на условувањата и пазарење за потеклото на нашите револуционери и основоположници на државата. Изгледа дека проблемот не може да се реши и се става под тепих да отстои, иако е вистина дека неофицијалните олеснувачи бараат начин за зацврстување на довербата во областа на економијата, културата, образованието, здравството и другите врски и односи, без анализа и согледување на последиците од умилкувањето и попуштањето во преговорите?!

Залудни се и очекувањата дека изборите во Бугарија ќе донесат понапредна политика и подобрување на односите со старо-новата влада, бидејќи и другата постава ваквото барање не го остава?! И да паднат некои сегашни лидери, нема да завршат на „буништето на историјата“,  зашто влогот за „окупација“ на Македонија и на едните и на другите е стратегиска определба и неостварена желба од времето на Санстефанска Бугарија?! И кај младите генерации се развива истата заблуда и се чекаат погодни моменти да го исполнат сонот за нова „окупација“ на Македонија?! Какво бедно размислување и неразбирање на идеите на Гоце Делчев (кого сакаат на сила да ни го одземат) за сфаќањето на светот како поле за културен натпревар, а не за империјалистички побуди и заблуди?!

Но, и ние не седиме со скрстени раце. Се очекува обединување и заедничка одлука во Парламентот на сите наши претставници сдсмовци, вмровци, интегративци, алтернативци и сите попишани и запишани Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Роми, „Пасошци“ Бугари и други наши земјени и одземјени граѓани загрижени за опстојот. Ако нема разбирање, најпосле и црешовото топче ќе го ставиме на Мечкин Камен во Крушево од пукотот да се пробуди и заспаната демократија на Европа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот