Писмо до полуматурантите од генерацијата 2020

Ова беше неприродно. Ова беше непосакувано, неочекувано но,беше неопходно. За прв пат во историјата на светското и македонското образованието денес на 10 Јуни 2020 година училиштето се збогува со своите ученици и полуматуранти преку онлајн конференции и во индивидуални училници.

Релаксирано да, но со скриени и непријатни емоции на тивка тага, силна разочараност и неостварени желби.

Училиштето остана празно. Само ѕвончето звони безволно и безцелно.

Ќе Ви недостасува откако ќе заминете, можеби ќе го сакате повеќе отколку додека секојдневно го посетувавте. Училишниот живот, другарувањето, понекоја досетка, понекоја радост, понекоја солза нека бидат дел од Вашата најубава меморија за едно детство  кое ние се трудевме искрено колку умееме најдобро да ви биде среќно, безбедно и успешно.

Учевте, решававте тестови, бевте дел од проектни активности, со премногу домашни задачи за кои добивавте навремени или ненавремени информации. Имавте разбирање и почит за времето на наставниците кои работеа макотрпно 24 часа во потрага по најдобрите искуства кои можат Вам да ви користат. Имаа и тие разбирање за вас, за сите нерешени и пропуштени домашни задачи, ненавремени презентации и проекти.

Колку нејаснотии, непознаници имавме и ние, ама и вие. Си помагавме взаемно, учевме взаемно. Многумина од вас бевте ментори на вашите наставници. Ви Благодариме од срце за разбирањето и трпението, Вам и на Вашите родители кои истовремено беа најголемата подршка да успееме како така да ја завршиме оваа чудна и непосакувана учебна година 2020 година.

Вие сте хероите кои останавте дома за општо добро на сите нас.

Оценките не се вистинската вредност за тоа кои сте и колку можете.Тоа допрва ќе треба да си го докажете најпрво себе си , а, потоа и на сите други.

Натпреварувајте се самите со себе си, не со другите. Признајте си што не знаете. Не прифаќајте дека незнаењето е срам. Не е !

Сите ние учиме секој ден. Учењето е вештина која се тренира цел живот. Короната тоа ни го покажа, сите знаења на овој свет ги имаме на еден клик , чекаат да ги истражиме. Не се плашете да грешите, тоа се Вашите лекции од кои учите како треба и како може подобро, а, највеќе учете како не треба и кои се последиците од таквото однесување и донесување на одлуки кои не Ви користат. Нека Ве критикуваат, тоа нека Ви биде мотив да се натпреварувате со себе.

Љубопитството треба да биде природна карактеристика за секој млад човек. Толку многу знаења во светот ставени на дланка, а толку малку време во животот да научиме се. Уживајте во учењето како процес,сонувајте, верувајте дека можете и Вие да го промените светот на подобро. Се зависи од Вас, Вие сте креаторите на сопствениот живот. Само со поставување на цел ,дисциплина, организираност, работа, труд и желба за успех ќе бидете тоа што посакувате.

Генерацијата на херои, генерација која успешно се справи со еден пресврт од нормалниот начин на живот, едукација и комуникација.  Генерација  која ги спаси и заштити своите најсакани со седење, учење и полуматурирање од дома во време на светска пандемија. ООУ Гоце Делчев ќе биде чувар на вашите спомени за едно детство во кое учевте, другарувавте, се забавувавте и растевте. Вратите секогаш Ви се отворени кога ќе Ви биде потребна насмевка, подршка, совет , тука сме и ќе сме секогаш за Вас. Ќе бидат и прослави, ќе бидат и дружби, но , никогаш повеќе нема да бидете полуматуранти. Бидете свесни за секој миг што го живеете  треба да го цените,  да му се радувате и да го славите.

Бидете ни здрави, среќни и успешни!

Честитки Генерацијо 2011 – 2020 година.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот