ПИСМА ОД ЛОНДОН: Мачката што го реши брегзит

Цела недела „ред се редат мале“, еден по друг, кандидатите за лидер(ка) на владејачката, конзервативна партија на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Оние што сега, откако премиерката Тереза Меј поднесе оставка, сакаат да влезат без кирија во Даунинг стрит број 10. И да ја водат земјата. Главно – надвор од Европската Унија. Главно – со договор или без него. И главно – повторувајќи едно те исто…

Макар што, да бидам искрена, некои од кандидатите се потрудија да не биде толку здодевно. Харпер и Рааб, на пример. Харпер кој? Да не се пријавеше да биде следен лидер на Ториевците, немаше да дознаеме дека постои извесниот Марк Харпер, кој беше им беше познат само на колегите кои во парламентот седеа десно и лево од него. И на потесното семејство. Па беше интересен едно 5 минути зашто беше нова фаца. И не ќе го знаевме ни Доминик Рааб (со две а, ама се чита како со едно, па уште ми е дилемата како да го пишувам) кој се „прослави“ кога беше ставен да го преговара брегзитот, договараше нешто и се откажа од она што самиот го договараше, зашто следното утро не му се бендиса и поднесе оставка од кабинетот на Меј. Но сега сака да биде „Рааб на местото на Меј“. Со две а.

Кога „си го бараат со боринче“

Ама дефинитивно работите почнаа да стануваат поинтересни кога, на скопски, „ничим изазван“, а литературно „си го бараше со боринче“, кандидатот за ториевски лидер, Мајкл Гоув, министерот за човекова околина, изјави дека пред едно триесетина години користел, односно шмркал кокаин. Па еден по еден, почнаа и другите кандидати да си признаваат „како попчиња“. Излезе дека осуммина од десетте (првично беа единаесет, па тринаесет, па десет) кандидати шмркале, шмркуцкале, пафкале, пафкуцкале, пуфкале халуционогени супстанци, користеле дрога од класа А,Б, … марихуана, кокаин, хероин, ЛСД… во зависност од тоа кој што сакаше да каже и кој што мислеше дека ќе му се открие и од што ќе има повеќе или помалку последици врз политичката кариера. Аууууу… Ова се само оние што признаа јавно. За другите не знаеме, може само да се претпоставува. Ме изнасмеа пред некој ден една фотомонтажа на твитер на која владиниот кабинет на чело со Меј (Тереза, не Брајан) собран на маса на која пред секој има селекција на халуционогени состојки – од оние како во кибритчиња и мали ќесички до оние како цигли, тули, ќерамиди и слично… весело друштво ториевско! Плус шољи со чај. Порано беа скандали со љубовници, машко од љубовници, лажни сведочења… сега …. и сите се колнат дека тоа било порано, кога биле млади, зелени и не знаеле за подобро, а не сега ама… Хмммм…

Избезумените шефови на полиција кои се трудат да го сузбијат криминалот и трговијата со дрога попусто убедуваат дека „рекреативното“ користење дрога на средната класа од која потекнуваат најголемиот број конзервативни кандидати што рекреативно користеле дрога, па ајде и да им веруваме само кога биле млади и зелени, е голем проблем на денешнината. Зашто ја одржува нарко трговијата. Од понеделник до петок се работи, викендот се релаксира. И се „релаксира“. Ама токму тие кои што се „релаксирале“ се залагаат за донесување строги закони против користењето дроги. И меки и лесни. И оние за лекување, и оние за рекреација. Каква хипокризија! Не дека опозициските лабуристи се недолжни ангелчиња, ама за еден дел од нив, некако со нивните левичарски идеи, нема многу да ве изненади дека ако кога поминат покрај вас, почувствувате мирис на рекреативна супстанца и со музика од Вудсток од шеесеттите во позадина. Некако, оди така со Корбин, брадата и неговиот „мир брате социјализам“ со брегзит кој е брегзит ама можеби и не е. Чекајте да дојдеме на власт па ќе видиме… само да дојдеме еднаш, па после лесно е. А брегзит? Мачкина кашлица…

Шашардисани деца

И после ќе се чудат зошто зборот „брегзит“ е прогласен за збор на годината. Кај децата. Радио 2 на Би-Би-Си распиша конкурс на кој ги покани децата од целата земја на возраст од 5 до 13 години да напишат кус расказ од 500 збора. И што се случи? Се покажа дека и децата, како и нивните родители, станале опсесивни со брегзитот. Овој збор се појавуваше во речиси сите состави. Се повторуваше во составите толку многу што Оксфорд јуниверсити прес, кои секоја година анализираат илјадници состави, го прогласија за „збор на годината – 2019“. Го имаше и минатата, ама оваа година имаше најголем залет, велат.

Децата очигледно го спомнуваа она што го слушаа од нивните родители дома и она што се гледа, чита и слуша во домовите. Во составите ги имаше Кристијано Роналдо, Тереза Меј, Адолф Хитлер (!?), Доналд Трамп и капитенот на англиската фудбалска репрезентација Хари Кејн. Како и дигиталните помошници Алекса и Сири. Ама брегзитот ја обзема земјата, ги подели младите и постарите и очигледно ги шашардиса и децата.

Па имаше куси приказни со наслови „Мачката што го реши брегзит“, „Вонземјани во брегзит“, „Еднорогот наречен Брегзит“. Не знам дали приказната со мачката беше за онаа мачка што живее во Даунинг стрит број 10, ама е многу веројатно, се изнаслушала таа сè и сешто и добила корисни информации последниве три години. Мора да е таа. Децата се трудеа да ѝ помогнат на Тереза Меј да го реши проблемот со (не)излегувањето на земјата од Европската унија, велат во комисијата. Интересно е како она со што не можат да излезат на крај најфините политички умови во земјата, стана инспиративно за креативноста и инвентивноста на децата.

Па можеби од 112.986 состави што стигнаа на натпреварот, ќе има некоја идеја како да се реши проблемот со брегзитот. Зашто, да бидам искрена, од сето она што досега можеше да се слушне од кандидатите, работава е „тенка“. Загрижувачка.

Ќе требаат и мачки и еднорози и вонземјани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот