Петровска: Предлог-законот за вработените во Одбрана мора да се донесе што е можно побрзо

Фото:МИА

Разликата во платите меѓу вработените во Министерството за одбрана како административни службеници и оние што се вработени според Законот за служба во Армијата е речиси двојна, вели во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 министерката за одбрана Славјанка Петровска. Според неа, овој дисбаланс треба да се намали со усвојување на предлог-законот за вработените во Министертството за одбрана, кој е во собраниска процедура.

„На пример, раководителите на сектори, ако се цивилни односно административни службеници, земаат колку што е просечната плата во администрација, за тој ранг, околу 40 илјади денари. Ако на истата позиција е поставено воено лице кое има чин полковник, платата е околу 76 илјади денари“, вели Петровска.

По изгласувањето на потребата за донесување на ваков закон во ресорната собраниска комисија, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на Фејсбук напиша: „Остануваме на ставот дека сè додека заеднички со СДСМ не ги изгласаме измените на Законот за посебните права на бранителите со кои се обештетуваат десет семејства на загинати наши македонски бранители, ќе го блокираме носењето на Законот за вработени во одбраната“.

Со оглед на ова, прашана дали Собранието ќе успее да го изгласа овој закон пред да се распушти, Петровска одговори дека кога Ковачки имал можност да се пријави за дебата при првото читање на пленарна седница, тој не го направил тоа, па сега се прашува која е побудата за ваквиот негов став изразен на Фејсбук.

„Изминатиов период ВМРО-ДПМНЕ не покажа иницијативност за решавање на ниту едно прашање во општеството вклучително и ова. Правата на бранителите, односно барањето и на иницијативата и на законот, не е ново и не е од оваа година. Тоа се провлекува години наназад. Се провлекува и во годините кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Но, гледате, тогаш воопшто не се дискутираше на оваа тема“, вели Петровска.
Таа вели дека иницијатива до Владата за решавање на прашањето за семејствата на бранителите доставил претседателот на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов, па прашањето ќе се решава преку одлука на Влада, а не со закон во Собранието.

„Во самата иницијатива стоеше препорака да се донесат одлуки на Влада за да може да се реши ова прашање. На минатата седница на Влада, врз основа на оваа иницијатива која е доставена од претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, како министерка за одбрана предложив две одлуки кои треба да го рефлектираат барањето. Согласно заклучикот на седницата на Владата, тие две одлуки треба да ги доставам до иницијаторот за тој да даде потврда дали тоа е она што го бара од Владата. Ако тој даде позитивен став, тогаш Владата на наредната седница ќе ги прифати одлуките“, вели таа.

Министерката рече дека замолила во Собранието носењето на законот за вработените во Одбраната да се случи што е можно побрзо. Според неа, со овој закон се засегнати околу 400 вработени и нивните семејства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот