Петков за Тајмс: Корупцијата е најдобрата алатка на Москва на Балканот

Кирил Петков
Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Петков говорејќи за односите со РСМ истакна дека и Русија извршила влијание врз националистите од двете страни на границата.

Премиерот на Бугарија Кирил Петков за време на неговиот краток мандат како премиер на земјата научи важна лекција за борбата против корупцијата во Источна Европа, пишува британски „Тајмс“ .

„Ја ограничивме корупцијата локално, но откривме дека имаме поголем непријател – руската инфилтрација “ , вели премиерот Кирил Петков во интервју за Тајмс.

„Не разбравме дека корупцијата и руското влијание се иста работа. Корупцијата е најдобрата надворешнополитичка алатка на Москва на Балканот“ , елаборира Петков.

Неволјите на Петков започнаа во април кога тој одби да и плати на Москва во рубли за испораките на природен гас, а потоа склучи договор за алтернативни испораки од Азербејџан. Како резултат на тоа, Путин го прекина снабдувањето со гас. Ова беше огромна промена за земја која порано добиваше околу 90% од својот гас од Русија.

„Азербејџанскиот гас чини три пати помалку од гасот на Газпром, но претходната влада некако се откажа од тоа. Тие рекоа дека нема гасовод, но се покажа дека имаме постоечка врска која е доволна. Некој се согласил да плати трипати повеќе“, вели Петков и додава „Треба да си крајно глупaв – или корумпиран – за да го направиш тоа“.

За британскиот новинар Том Кингтон, Петков изјави дека Москва реагирала на азербејџанскиот договор за гас со влијание врз опозицијата во бугарскиот парламент, што доведе до гласање за недоверба на неговата влада минатиот месец. Една недела подоцна, тој возврати со протерување 70 руски дипломати од Бугарија.

„Генерално, сигурен сум дека некои од 70-те луѓе што ги вративме, активно разговараа со пратениците во парламентот и им даваа написи на новинарите подготвени за објавување “, вели Кирил Петков.

„(Рускaта) амбасадорка беше осомничена дека играла активна улога со носење политичари на одмор во Грција. Ова беше директно мешање “, додава Петков.

Русија вмешана во односите со Северна Македонија

Кирил Петков го укина ветото на Бугарија за кандидатурата за членство на нејзиниот сосед Северна Македонија во ЕУ, и покрај противењето од Русија, објави и Тајмс.

„Русија изврши влијание на двете страни на границата “, рече премиерот.

„Видовме координирана акција кога нашите националисти излегоа со медиумски иницијативи пред да биде запалена канцеларијата на нашиот културен центар во Северна Македонија, додава Петков.

Шверцот на бугарско – турската граница

Од другата страна на земјата, на границата со Турција, владата на Петков ја чувствува бруталната сила на бугарската мафија, откако ги протера осомничените за корупција приватни менаџери на контролниот пункт „Капетан Андреево“ , прецизира весникот.

„Ова беше и најголемата граница за шверц на дрога во светот “, изјави за изданието заменик министерот за земјоделство Иван Христанов.

„Мислам дека заработуваа 1 милијарда евра годишно преку шверц на граница. Затоа и боли ова што го направивме “, вели Христанов.

Изданието појаснува дека Христанов во моментов е под обезбедување поради заканите добиени во врска со скандалот. Бугарските истражувачки новинари тврдат дека има врски меѓу личности од подземјето кои управуваат со граничниот премин и пратениците, објаснува Том Кингтон.

Во написот се додава дека партијата, основана од ТВ водителот и пејач Слави Трифонов, го повлече владиниот шалтер, наведувајќи ги како причина несогласувањата околу буџетот и Северна Македонија.

Но, Христанов инсистира: „Она што го направивме на границата беше главната причина за гласањето за доверба“.

Компаниите кои го контролираа граничниот премин може сè уште да ги добијат своите привилегии бидејќи го оспоруваат нивното отстранување на суд, а набљудувачите стравуваат дека пријателските судии може да им помогнат, им предочува Тајмс на своите читатели.

Петков го обвини главниот бугарски обвинител дека не ги истражува корумпираните пратеници, но рече дека ќе бидат потребни две третини од гласовите на пратениците за да го разрешат. А проблемот, тврди тој, е што повеќе од една третина од пратениците би ризикувале истрага под нов главен обвинител.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот