Пендаровски: Спроведувањето на кредибилен попис е тест за нашата зрелост

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на средбата што Државниот завод за статистика ја организираше со градоначалниците на општините од Република Северна Македонија, посветена на значењето и улогата на локалната самоуправа во процесот на подготовка и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021.

– Овој попис ќе се спроведува во несекојдневен период. Поради пандемијата, целиот свет минува низ една голема трансформација. Успешноста на една држава се мери според способноста да се справи со бројните економски, социјални, здравствени, еколошки и образовни ефекти од пандемијата. Еден од главните елементи што е неопходен за успешни политики е токму реалната слика за бројноста на населението и неговата економска, образовна и социјална структура. Не постои друг начин за добивање на реална слика, освен преку пописот како статистичка операција која е предуслов за секоја организирана држава да може да го планира својот развој. За жал, од познати причини, речиси 20 години ние ги немаме тие витални статистички параметри, посочи тој. 

Иако беше усвоен и стапи на сила само пред неколку дена, Законот за попис е тема што ја бранува јавноста веќе подолго време.

– Затоа, пред да го потпишам Указот за прогласување на Законот се сретнав со претставници на релевантните државни институции и се консултирав со истакнати домашни и меѓународни експерти во областа, вклучително и од Евростат. Нивниот начелен став е дека одредбите во законот (зборувам за општата рамка) не отстапуваат од стандардните меѓународни норми и принципи и од праксата при организирање на пописите во најголемиот број членки на Европската Унија. Затоа сум длабоко убеден дека самото законско решение не претставува пречка за коректно изведување на пописот. Исто така, уверен сум дека Државниот завод за статистика има доволно знаење, искуство и ресурси да ја спроведе оваа важна статистичка операција на професионален начин, почитувајќи ги притоа сите препораки и мерки за заштита од ковид-19, дополни тој. 

Според председателот, проблемите поврзани со пописот не се ниту законски, ниту уставни, ниту технички, ниту здравствени. Најголемиот предизвик при неговата имплементација може да биде само непотребната политизација која во јавноста се креира извесен период наназад.

Оваа политизација ги вклучува повиците за бојкот на пописот, лицитирање за процентуалната застапеност на заедниците и најавите дека нема да бидат прифатени резултатите доколку не отсликуваат нечија посакувана бројка. Иако доаѓаат од различни страни, сите обиди за политизација имаат еден заеднички именител. Имено, сите се рефлексија на стравот од резултатите од пописот.

Според Пендаровски, тој страв произлегува од погрешното разбирање на концептот на човековите права како наводно, збир на привилегии што некој некому му ги дава или му ги одзема. За жал, точно е дека на Балканот правата на луѓето сè уште се гледаат низ етничка призма и пописот не се перцепира како статистичка операција, туку како политички проект.

– Затоа, кога се пребројуваме во регионот ние сè уште веруваме дека силата е во бројките и дека само од тие бројки зависат нашите права. Тоа е и главната причина зошто речиси 20 години немаме организирано попис и зошто го прекинавме во 2011. Но, човековите права и слободи не се привилегии што можат да се изгубат или одземат во зависност од нечија волја. Во една демократска држава со европска иднина, стекнатите права не смеат да се одземаат, туку само да се зголемуваат, и тоа треба да важи за сите граѓани, независно од нивната бројка, вели тој.

Сепак тој верува дека одговорноста не треба да се бара  кај граѓаните, туку кај  политичарите.

– Ние мора да покажеме дека 30 години по 8 септември 1991-та, имаме конечно созреано како држава и дека ја заслужуваме независноста во чии темели имаат вложувано генерации борци за слобода и човекови права, децении пред нас, истакнува Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот