Пецас: Грција од 4 мај постепено ќе се враќа во нормала

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите најави дека утре попладне грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе ги соопшти „филозофијата и последователните фази од планот за префрлање во нова нормала”, јави дописничката на МИА од Атина.

Тој наведе дека постепеното укинување на рестриктивните мерки во Грција ќе почне од фризерските салони и продавниците, а потоа, во следните неколку фази, со временско растојание меѓу нив, ќе следат отворања на образовните институции, на големите компании, угостителските објекти, како и црквите, а во друга фаза ќе следи отворање на хотелите што работат во текот на целата година, а откако ќе се реши прашањето со транспортот, ќе се отворат и сезонските туристички објекти од крајот на јуни или почетокот на јули.

Покажавме дека Грците, во тешките моменти се обединети, успеваме. И исто толку обединети ќе се движиме постепено кон „новата нормала”. Овој процес ќе се одвива со план, постепено и организирано. По завршувањето на рестриктивните мерки што се во сила до 4 мај, планот на Владата ќе започне да се шири во засебни, насочени фази, последователно во мај и јуни. Правило ќе биде да постои временска разлика меѓу фазите на укинување на рестриктивните мерки за да постои можност континуирано да се проценува развојот на пандемијата, рече Пецас.

Тој додаде дека намерата на Владата е да се укине и обврската на граѓаните при секое излегување да мора да пратат смс порака или да имаат соодветна потврда со нив.

Дополнително, рече дека ќе се разгледа и можноста да се дозволи патување од една во друга периферија, но и тоа ќе оди постепено, за да се избегне ненадеен масовен излез од урбаните средини.

Портпаролот на грчката Влада објасни дека развојот на фазите и постепеното олабавување на мерките ќе зависи од состојбата на здравјето на населението, а при секое отворање ќе важат посебни правила и услови.

На пример црквите, почетно, ќе се отворат за индивидуални молитви, а подоцна, во следната фаза и под конкретни правила и заштитни мерки, литургиите ќе бидат отворени за сите верници.

Пецас дополнително објасни дека манифестациите за одбележувањето на Денот на трудот – 1 мај, ќе се префрлат во првата сабота по укинувањето на рестриктивните мерки и секако со почитување на правилата за држење растојание.

По обраќањето на Мицотакис и соопштувањето на планот утре попладне, ќе следи и детална презентација на аспектите на планот од надлежните министри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот