Парламент во сабота, влада во севдах

Не дека до сега беше здодевно. Напротив. Но, се се промени од корен последните две три години, откако со фабрикување податоци и „слободна интерпретација“ на бројки, разгорување на национал-романтизмот и евоцирање спомени за старите добри времиња на империјата во која „сонцето никогаш не заоѓаше“, седумнаесет и нешто милиони Британци гласаа за брегзит. А кога ќе се сетам колку, на моменти, порано беше релативно здодевно. Ех, колку лесно се забораваат некои работи.

Така, на пример, обидувајќи се да се сетам што беше тема за која жестоко расправаше парламентот, кога мислевме дека брегзитот нема да се случи или ќе им се случи таму на некои други а не нам (типично затворање очи пред реалноста) се сетив на „апскртинг“. Односно на законот изгласан од парламентот по предлог на владата дека со затвор од две години ќе се казни оној или онаа (ама до сега се фатени само машки, којзнае зошто дами и господа?!) кој слика под здолништа или фустани на жени. На јавни места. Маж облечен во женска гардероба до сега не се пожалил, ама важи и за мажи. Полова рамноправност, секако и секаде.

Видете, не дека во државата немаше и тогаш сериозни теми. И тогаш и сега. Листите за чекање за лекување, квалитетот на образованието во некои училишта, сериозниот недостиг на станбен простор за основните работници и младите… и како што се покажа, една од најважните која заслужува посебен осврт – насилствата меѓу младите и бодењето со ножеви со смртни последици, кое деновиве стига до размери на епидемија. Но брегзитот, ах тој брегзит, засени се. Посебно амбициите на премиерот и неговата влада кои се решени по секоја цена да ја „извадат“ земјата од ЕУ. Па „шта кошта нек кошта“,  рече за БиБиСи на српски еден аналитичар. Важно да се излезе?!

Драматична сабота

Додека централен Лондон е парализиран од протестите на „Екстиншн ребелион“ (побуна, истребување), луѓе од сите слоеви на општеството кои уште еднаш бараат владата да донесе итни мерки за заштита на човековата околина, владата е заглавена во неуспешни преговори со ЕУ. A времето тече  и го има се помалку за договори и компромиси. И со ЕУ и со природата.

Откако ги нарече демонстрантите „крастосани бадијалџии“, премиерот Борис Џонсон почна да се подготвува за драматична саботна седница на парламентот подоцна овој месец, во последен обид да не мора да бара од Европската Унија одложување на брегзит. Пратениците ќе бидат викнати на дојдат на 19 октомври дури и да нема за што да се гласа и да изберат меѓу „чеканот и наковалната“ – да се излета главечки од ЕУ по 12 дена или да се продолжи процесот на членот 50. Значи, конечна битка во парламентот.

Ова е прв пат во последните 37 години парламентот да заседава во сабота. Толку е драматично. Претходно во сабота се заседаваше  по инвазијата на Фокландските острови во 1982 година, па во 1956 да расправа за кризата во Суец и за време на Втората светска војна. Значи, посериозно – здравје.

Поезија на рецепт

И ако сето ова создава главоболки, безидејности, несоници, тага… писателот Вилијам Сигарт, презентирајќи ја неодамна својата антологија „Добитнички зборови: инспиративни стихови за секојдневниот живот“, предложи да ги лекуваме со убави зборови. Ви се чини чудно, необично, неостварливо? Па запрашајте се колку пати ви се поправило расположението откако сте прочитале некоја убава песна. Или, добро, кога некој ви кажал некоја убава работа. Зборовите, како што можат да рануваат, така можат и да лекуваат. Скршени срца, заборавени ветувања, изгубени пријателства, безнадежност, осаменост, темнината на Лондон од ноември до март? Плус брегзит, нели. Сите кои се обиделе, а ги гледавме и слушавме, тврдат дека делува. Дека смирува, успокојува, често  дава надеж. И луѓето испраќаат писма, твитови, мејлови  со своите проблеми а поетот ( поетите) веднаш им праќаат соодветна песна која мислат дека ќе им помогне.

За самецот, онаа од Оскар Хамерстејн втори „Никогаш нема да одиш сам“. За нервозниот студент, од Вилијам Хенри Дејвис – Слободно време – што е овој живот полни со грижи ако немаме време да застанеме и да загледаме… За Јан Патерсон, кој страда од анксиозност и самодоверба, рецептот беше Венчавка од Алис Освалд. Не знам дали некој од пратениците или членовите на кабинетот на Борис Џонсон побарал поезија на рецепт или стих-два за смирување и духовен мир. Ако да, тогаш сигурно во најголема тајност. А за премиерот, нешто од Силвија Плат.

Две пред спиење и една од сабајле. А за сабота, собраните дела.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот