
Папата ги осуди „кликбејт-медиумите“, повика новинарството да се заштити како јавно добро
Папата Лав четиринаесетти изрази загриженост за влијанието на вештачката интелигенција врз медиумите за време на приватна аудиенција со претставници на светските новински агенции, нарекувајќи го „понижувачка“ појава во новинарството, пишува „Гардијан“. Папата, кој во првите шест месеци од својот понтификат активно го застапуваше новинарството како „јавно добро кое сите треба да го заштитиме“, повторно ја нагласи важноста на одговорната комуникација.
Препорачано
„Комуникацијата мора да биде ослободена од погрешни размислувања кои ја нарушуваат, од честата конкуренција и од понижувачката пракса наречена кликбејт“, рече тој.
Значењето на слободните информации
Папата, читајќи го својот говор на италијански, особено го пофали трудот на новинарите кои известуваат од фронтот во Газа и Украина.
„Слободниот пристап до информации е столб на кој се темелат нашите општества и затоа сме повикани да го браниме и да гарантираме за тоа. Тековните настани бараат посебна внимателност и одговорност, јасно е дека медиумите имаат клучна улога во формирањето на свеста и во поттикнувањето критичко размислување“, рече тој.
Папата се осврна и на предизвиците што ги носи растот на вештачката интелигенција во медиумите.
„Вештачката интелигенција го менува начинот на кој ја примаме информацијата и комуницираме, но кој ја насочува и со каква цел? Мораме да бидеме внимателни за технологијата да не ги замени луѓето и информациите и алгоритмите кои ја движат денешната технологија да не завршат во рацете на малкумина“, истакна тој.
„Новинските агенции мора да бидат противотров против ширењето на ѓубре од информации“, подвлече папата.
Сопственоста на медиумите да биде транспарентна
Како клучно за медиумите, ги посочи „транспарентноста, одговорноста, квалитетот и објективноста“.
„Ве повикувам никогаш да не го продавате својот авторитет“, порача тој.
Папата посебно ја нагласи важноста на работата на новинарите кои работат за новинските агенции.
„Еден облик на активно граѓанство е да ги цениме и поддржуваме агенциите кои покажуваат сериозност и вистинска слобода во својот труд, тоа е добродетелно коло кое му користи на целото општество“, рече тој.
„Новинарите кои работат за новинските агенции се повикани први да пристигнат на местото на настанот и да известуваат за најновите вести. Ова е уште поважно во ерата на континуирана комуникација во живо и сèприсутната дигитализација на масовните медиуми“, нагласи папата.
Тој потенцираше дека новинските агенции обезбедуваат услуга која „побарува компетентност, храброст и етика“.
„Ова е непроценливо и мора да биде противотров против ширењето на ’смешни‘ информации“, заклучи папата Лав.