Пандемијата на ковид-19 се одрази и врз работата на матичното во Дебар: Минатата година само 86 бракови, овој месец два

Пандемијата со ковид-19, како насекаде, така и во Дебар, се одрази негативно врз целокупниот живот во градот, вклучително и во бројот на младите кои одлучиле да го кажат судбоносното „да”. Во годината што е зад нас во матичната книга на венчани се запишани 86 бракови, што е за 39 помалку во споредба со 2019 година.

– Во 2020 година имавме 86 бракови, претходната година 125, во 2018 година – 129, додека една година претходно – 118. Статистката потврдува дека лани сме имале најмала бројка на склучени бракови во последната деценија. Претходно не ни станува збор за споредба, зашто годишно сме имале и над 200 бракови. Во изминатите денови од овој месец се евидентрани само два брака, изјави за МИА, Афердита Шаини, одговорна во секторот за бракови во општина Дебар.

Додава дека во намалувањето на браковите во изминатиот период свое влијание имала масовната миграција, која цели семејства однесе во белиот свет, па за разлика од порано свадбите сега ги прават во земјата каде што живеат.

– Секако, дел од младите иако живеат во друга земја, главно во летниот период доаѓаат во родниот крај каде прават свадба и тука се венчаваат. Минатата година поради пандемијата нашинците од САД и од европските земји не дојдоа во родните места, па тоа директно влијаеше во бројот на браковите, додава Шаини.

Во Дебар, по традиција, свадбите и другите веселби почнуваат во мај, кога тука доаѓаат иселениците од САД, а масовно се одржуваат во јули иво  август, кога пристигнуваат и печалбарите од западно европските земји. Дневно има по најмалку 10 веселби само во градот.

Истата традиција е присутна и во поширокото подрачје, односно и во општина Центар Жупа и Маврово и Ростуше, односно подрачјето на Долна Река од каде како и од општина Дебар половина од некогашната популација е во белиот свет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот