Пахор и Милановиќ: Постигнат компромис „на кој некој мораше да се откаже од нешто“
Претседателите на Словенија и Хрватска, Борут Пахор и Зоран Милановиќ, во Брдо кај Крањ оценија дека на денешниот самит на Процесот Брдо-Бриони е постигнат компромис и дека средбата е успешна.
“Верувам дека состанокот беше успешен пред се затоа што се собраа само лидерите, немавме други гости. Кога имаме гости, сите се свртуваат кон нив и зборуваат само за своите земји. Првпат се состанавме, се погледнавме еден со друг во очи и разговаравме за проблемите во регионот“, рече Пахор, домаќин на состанокот.
Но, тој исто така истакна дека ова било една од најтешките средби затоа што не било лесно да се постигне компромис што носи „длабока порака“.
Пахор посочи дека лидерите од регионот имаат одговорност да се грижат за безбедноста и благосостојбата и дека ова не е прашање во кое тие треба да се потпрат на Европската унија (ЕУ).
Тој ја повика ЕУ да го набљудува регионот како целина во процесот на европска интеграција.
“(Западен Балкан) е геополитичко прашање на ЕУ. Тоа е област опкружена со државите на Унијата”, рече тој.
Пахор посочи дека европската интеграција на регионот е заеднички процес: ЕУ мора да го забрза проширувањето, а земјите од Западен Балкан да ги забрзаат реформите.
Милановиќ пред новинарите на заедничката конференција изјави дека некои делови од усвоената декларација биле променети на барање на Србија.
“Имаше одредени спорови, недоразбирања. Да речеме дека агендата на косовската претседателка Османи беше нешто поамбициозна и дека поради спротивставувањето на Србија, некои делови едноставно мораше да се спуштат. Јас го гледам тоа како целосно прифатлива цена на добар документ”, рече Милановиќ.
Тој додаде дека на состанокот е постигнат компромис „на кој некој мораше да се откаже од нешто“, и дека единствениот мотив за самитот е Хрватска и Словенија да им помогнат на земјите од регионот во процесот на евроинтеграција.
„Билатералните проблеми на државите нема да можат да се решат во рамките на процесот Брдо-Бриони и мислам дека би било здраво да не ги користиме премногу, бидејќи тоа денес малку ја попречи нашата работа“, додаде хрватскиот претседател.
Самитот на Процесот Брдо-Бриони, на кој присуствуваа претседателите на Словенија, Хрватска и шест од Западен Балкан, се одржа денес на Брдо кај Крањ.
Извор: Бета
Декларација на лидерите од Западен Балкан: Итен почеток на преговори со Скопје и Тирана