Оставете ја политиката настрана – Бидете горди на Тамара!

Со осмото историско место, не само што е поставен еден рекорд кога станува збор за евровизиските настапи на нашата земја, туку е побиена и една стара народна македонска изрека – „не е важно да се победи, важно е да се учествува“.

Токму тоа е една од најголемите победи и највисоки достигнувања кои во евровизиското финале ги извојува Тамара.

Сега ќе речете – „ па не победивме“. Точно, не победивме, но за прв пат по осамостојувањето одевме на победа. Тамара не отиде само за да земе учество во Тел Авив и да се прошета, отиде да победи.

Гордо и македонски настапи на сцена, доста храбро во овие тешки времиња ја претстави нашата земја и тоа како никогаш досега. Без разлика на осмото место таа за нас треба да е голем и единствен победник.

Меѓутоа,  секако, како и секогаш, ние сме нација со многубројни „експерти“ кои во секоја прилика имаат што да кажат и на сѐ да се спротивставуваат, а говорот на омраза е неизоставен дел од целата оваа работа.

Тоа беше случај и со Евровизијата, па сите тие веќе споменати експерти и навидум стручни лица, се јавија во коментари на социјалните мрежи по синоќешното финале.

Сега, го оспоруваат успехот бидејќи сме биле „Северна“, а не само Македонија, алудурајќи на Преспанскиот договор и повторно вплеткувајќи ја политиката. Факт е дека Евровизијата не е тоа што беше некогаш и политиката има огромен удел, меѓутоа, ова за нас е прво осмо место и прв пат, како што напиша и Игор Џамбазов на Фејсбук, барем за половина час во Европа, за време на гласањето бевме први, се почувствуваме горди на оваа мала земја во која живее истиот народ и кога беше само Македонија, без придавката „Северна“.

Сите тие експерти забораваат дека и пред тоа речиси каде и да се одржуваше Евровизијата настапувавме под придавката „Фиром“, но тогаш веројатно тоа било во ред.

Ако зборуваме од политички агол, придавката „Северна“ нормално дека боли, ме боли и мене, меѓутоа сега зборуваме од музички аспект, зборуваме за евровизиски успех за кој сме мечтаеле со години наназад.

Во споменатите коментари на социјалните мрежи ги видов и оние кои сметаат дека само поради „Северна“ сме оствариле значителен успех, но и со тоа нема да се согласам. Отворете на „Јутјуб“, ќе видите дека песната на Тамара од финалната изведба има повеќе од половина милион прегледи и повеќе од 2.000 коментари.

Коментарите доаѓаат од лица од сите краеви на светот, не само од Европа, а сите повикуваат на тоа дека оваа песна требало да биде ПОБЕДНИК. Една музичка величина како Бој Џорџ застана зад таа песна, па сега немојте да ми кажете дека „Северна“ е виновна за овој успех. Не, за овој успех е виновна Македонија, виновна е Тамара и нејзината феноменална изведба.

Поради сето ова, неопходно е да уживаме во ваквиот успех, да ја пуштиме политиката да си ги крои своите планови, бидејќи таа секаде и во сѐ се меша, но овој успех е нешто што не може да ни се одземе.

Слушајте ја песната гордо овие денови, восхитувајте се на феноменалната изведба и неверојатниот вокал на Тамара, заборавете на сѐ друго, ослободете се од омразата и радувајте им се на ваквите успеси, а политиката и „стручните коментари“, оставете ги настрана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот