Орбан сака самитот на ЕУ да пропадне

Виктор Орбан/ Фото: EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

„Не“ за започнување преговори со Украина и „не“ за нови средства за Киев од европскиот буџет – во пресрет на самитот на ЕУ, унгарскиот премиер и натаму стои цврсто на своите ставови. Дали има изгледи да биде предомислен?

Овојпат Орбан, деснопопулистичкиот премиер на Унгарија, се чини дека е решен на голем дуел со ЕУ пред голема публика. Минатата недела, во пресрет на денешниот (14.12.2023) самит на ЕУ, во две писма адресирани до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Орбан вели дека Унгарија ниту ќе се согласи за финансиската помош за Украина од европскиот буџет ниту ќе даде зелено светло за започнување на преговорите со земјата за членство во ЕУ.

„Со сета почит, од Вас барам Европскиот совет да не се занимава со овие прашања, затоа што поради недостиг на консензус очигледно ќе има неуспех“, пишува Виктор Орбан.

„Диктаторот од Дунав“, како што поранешниот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер претежно шеговито го нарекуваше Орбан, се заканува со вето против два централни заклучоци. Имено, ревидираниот буџет, кој содржи 50 милијарди евра помош за Украина, како и отворањето на пристапните преговори мора да бидат едногласно усвоени.

Паралелно со нападот врз останатите 26 членки, Орбан на домашен терен води кампања со плакати против ЕК, која критичарите ја оценуваат како антисемитска. На плакатите се гледа еврејскиот бизнисмен Александар Сорос, син на милијардерот Џорџ Сорос по потекло од Унгарија, заедно со претседателската на Комисијата, Урсула фон дер Лајен со написот „Да не играме по нивна свирка“, со што Орбан ги шири старите теории на заговор. Се организира референдум за помошта за Украина со резултат кој може да се претпостави. Парламентот верен на Орбан, превентивно веќе гласаше против помош за Украина. Што планира Орбан, кој има најдолг стаж во ЕУ како премиер? Што ли сака да постигне?

Уништување на ЕУ како цел?

„Мислам дека се обидува да направи поголем притисок и одвнатре да ја промени ЕУ и да ја уништи нејзината актуелна форма“, смета Андреас Бок, експерт за Унгарија во тинк-тенкот „Европски совет за надворешни односи“ (ЕЦФР).

Долгорочната цел на Орбан, според Бок, е колку што може да ја трансферира неговата идеологија за „нелиберална демократија“ и во Европа.

„Тој има јасна цел и јасна претстава како треба да изгледа Европа. Тоа не е интегрирана Европа, туку Европа ограничена на економска соработка. Во неговата претстава не постои Европа базирана на вредности“, оценува Бок од ЕЦФР.

Истовремено, тој го опипува и теренот во Русија и Кина и се угледува на тамошните автократи.

Орбан како предводник на десницата во Европа?

Унгарија не сака да истапи од ЕУ. Помошта и субвенциите од касата во Брисел, Орбан и неговите пријатели во унгарската економија веќе 20 години ги примаат со отворени раце. Но, ЕК веќе една година задржува значителни суми кои достигаат до 30 милијарди евра, поради тешки недостатоци во однос на владеењето на правото и борбата со корупцијата. Европскиот суд во Луксембург го одобри таквото постапување. Доскорешниот премиер на Луксембург, Хавиер Бетел, на Орбан уште на самитот во октомври му префрлаше „уцена“. Орбан уште тогаш ја блокираше финансиската помош за Украина и бараше исплата на средствата кои ѝ следуваат на Унгарија.

ЕК кратко пред самитот одлучи да ослободи 10,2 милијарди евра затоа што Унгарија сега ги исполнувала условите. Но, Андреас Бок смета дека ставот на Орбан не е заради парите, туку принципиелен. Политичарот кој стартуваше како демохристијанин и се престори во десен националист, смета дека позицијата му е засилена благодарение на изборните резултати во Холандија и во Словачка. Заедно со деснорадикалната премиерка на Италија, десното национално движење во Франција и АфД во Германија, тој цели на европските избори.

„Тој смета дека сега може да стане предводник на деснопопулистички фронт. Чувствува дека е во подем и тоа може да има силно влијание врз следните избори за Европскиот парламент во јуни“, вели Бок.

Може ли ЕУ и овојпат да го „купи“ Орбан?

ЕУ нема да може само со пари да го премисли Орбан за завршницата на самитот. Тоа често било успешно, но овојпат контра таквата можност е фундаменталното отфрлање на една западно ориентирана Украина, смета Хегедиз од политичката фондација Германски Маршалов фонд од Берлин. Што се однесува до финансиската помош за Украина, уште и постојат шанси унгарскиот хардлајнер да попушти, но не и за прашањето Украина постепено да дојде до членство во ЕУ. „Навистина не гледам начин како унгарската влада би го променила ставот“, вели тој. Украина со нејзината желба да се противи на Русија и да се втемели во Западот е антитеза за Унгарија која игра на картата на Русија, објаснува Хегедиз за ДВ.

„Премиерот Орбан нема интерес Украина да ја добие оваа војна. Во таа смисла тој дејствува многу рационално и се обидува да го искористи секое средство што му е на располагање за да ја заслаби Украина“, смета Хегедиз.

ЕУ се обидува со добро

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на средба во Аргентина се обиде да го премисли Орбан. Очигледно безуспешно. Пред тоа и францускиот претседател Емануел Макрон на доверлива вечера во Париз, како и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел при посетата во Будимпешта, се обидоа да го одвратат од блокадата. Германија и Франција наводно се обиделе и Комисијата да ја придвижат кон ослободување на блокираните средства за Унгарија. Но, Виктор Орбан и натаму бара принципиелна дебата за Украина затоа што земјата не е подготвена за пристапни преговори. Досега Орбан, по театрални настапи на европските самити и добро наполнет џеб ретерираше, па европски дипломати се надеваат дека тоа и овојпат би можело да функционира. Орбан е дебелокожец и отрпнат на критики од неговите колеги во Брисел. На самитот на ЕУ во јуни 2021 година, на тогашниот холандски премиер Марк Руте „му пукна филмот“, па го запраша Орбан зошто не ја напушти конечно Европа кога сето тоа не му одговара.

Да се заобиколи Унгарија?

Теоретски, членките на ЕУ би можеле повторно да ја отворат постапката за владеење на правото според член 7 од Лисабонските договори и на крајот да му го одземат правото на глас. Но, волјата на останатите држави Унгарија да се протера од ЕУ и да се предизвика тешка криза на институцијата, е многу ограничена, оценува Даниел Хегедиз од Германскиот Маршалов фонд.

Како излез од блокадата, 26 земји членки, без Унгарија, би можеле да дадат изјава дека пристапните преговори со Украина ќе започнат следната година. Правно нужниот едногласен заклучок би морал да биде изгласан подоцна. Средствата за Украина пак, во секој случај треба да бидат исплатени, велат дипломатски извори од Брисел. Ако е потребно, државите кои се расположени да плаќаат, ќе основаат фонд за помош надвор од европскиот.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Бернд Ригерт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот