Општина Центар тврди дека не продала ниту квадрат државно земјиште

Општина Центар/ Фото: Слободен печат

Општина Центар од преземањето на надлежностите од Министерството за транспорт и врски во декември 2018 година, не продала ниту еден квадрат градежно земјиште во сопственост на државата по пат на јавно наддавање, тврдат од Општината. Оттаму ги отфрлаат како невистинити тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ  дека во строгиот центар на градот, СДСМ, Општина Центар и Министерство за транспорт и врски продале парцела од над 700 квадрати по цена од 7 евра по метар квадратен, каде е предвидено да се гради бетонски објект од 15 ката.

Во случајов се работи за две посебни градежни парцели, од кои за едната, ГП 37.3 со намена А2-домување во станбени згради од ДУП Градска четврт Ј 07, општината поведе постапка за дооформување на градежно земјиште. Сопственикот на парцелата го исполнил условот наметнат од Законот, односно поседувал над 30 отсто од градежната парцела, а општината постапила согласно Законот и ја спровела постапката – објаснуваат од Центар.

За другата градежна парцела, со намена Б 5, односно изградба на хотел, како што велат од локалната власт, сопственикот купил само дел од земјиштето под легализирани објекти, согласно Законот, со што другите постапки за земјиштето не се водени пред Општина Центар. Како што информираат од Општината, земјиштето е продадено од  Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии, кое спровело постапка по барање од инвеститор за приватизација на ова градежно земјиште. Од Општината прецизираат дека државното земјиште е продадено  по цена формирана со Уредба за висината на надомест за приватизација на градежно земјиште, објавена во Службен весник уште во 2011 година.

Општина Центар, во најмала рака сегашното раководство, досега не продала ниту квадрат државно земјиште. Горан Герасимовски, актуелниот градоначалник на Општина Центар, уште во предизборниот период, во многу наврати повтори дека нема да дозволи злоупотреба на ниту една педа државно земјиште. Наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, Герасимовски излегува на терен и прави увид при издавањето на секое одобрување за градба, дали просторот одговара за понудената цена, на каква местоположба се наоѓа – велат од Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот